Започна евакуирање на кампот Џунгла во Кале после бунт и судир со полицијата

Евакуацијата на најголемиот бегалски камп во Франција, Џунгла, започна и покрај бунтот на жителите и судирот со полицијата, откако на бегалците им беше кажано дека мора да се качат во автобусите кои ќе ги однесат во прифатилишта низ Франција.

Властите ќе почнат да го расформираат кампот и колибите во него од утре. Шеесет автобуси треба да пренесат 3000 луѓе до прифатилиштата, познати како CAO (centres d’accueil et d’orientation), каде ќе треба да им биде доделен азил во Франција во одреден временски период, или да бидат депортирани.

Околу 7:30 изутрината, портите на влезот на кампот биле отворени, а бегалците почнале да се пријавуваат пред да се качат во автобус. Малку е веројатно дека сите ќе се согласат да го напуштат кампот, пишува Independent.

Малолетниците без придружба се единствената група која ќе остане во Кале. Тие ќе бидат регистрирани и вратени во кампот, каде уште некое време ќе живеат во бродски контејнери, а потоа ќе бидат испратени во Велика Британија, каде ќе им дадат и азил.

„Повеќето од нивните родители се мртви, но имаат роднини во Англија. Некои ќе останат во Франција. Многу добро се воспитани и соработуваат“, вели една од волонтерите во Џунгла.

Иселувањето ќе продолжи во текот на целата недела, а кампот треба да биде сосема расформиран до 28 октомври.

Целата евакуација се спроведува со надзор од голем број на вооружени сили, но властите велат дека нема да се употреби сила. Тврдат дека полицијата е потребна доколку дојде до бунт сличен како оној кој се случи кога кампот беше испразнет во февруари.