Започна доделувањето ваучери за таблет компјутери на факултетите

Студентите кои ги исполниле условите за доделување ваучер за таблет компјутери, од денеска треба да се обратат до своите факултети за подигање на ваучерите, соопштија вчера од Министерството за информатичко општество и администрација.

Листите со студентите кои ги добиле ваучерите, се веќе пристигнати на факултетите, информираат дел од факултетите кои ги контактиравме.

Со акцијата за доделување ваучери во вредност од 8 илјади денари студентите ќе може да набават таблет со тастатура до 25.јуни.

Доделени се 4.570 вредносни ваучери и тоа: на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” вкупно 1.916, на Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип 879, на Универзитетот „Климент Охридски” од Битола 652, на Државниот Универзитет во Тетово- 855, Св. „Апостол и Павле” во Охрид 27 и на останатите приватни факултети вкупно 241 вредносен бон ваучер.

Останати се уште 728 за кои треба да се направи дополнителна проверка за доделување вредносни ваучери. Вкупната бројка на студенти кои аплицирале е 7.290, од кои 1.647 биле со повисок приход на родителите и поради тоа се одбиени и уште 291 кои не ги исполниле условите пропишани со Законот за издавање на вредносни бонови–ваучери, информираа од министерството.