Запалени слики и шарени балони, „Протестирам“ бара одговорност за молкот за корупцијата

Со балони во сите бои, и слики со ликот на Никола Груевски закачени на нив, демонстрантите и денеска се собраа пред Специјалното јавно обвинителство за да дадат поддршка на работата на обвинителите, но и да побараат одговорност за корупцијата во сите пори на општеството.

„Корумпирани институции значат иструлени институции. Институции кои не работат за граѓаните туку против граѓаните. Во сето ова време, откако слушнавме за раширената корупција, Државната комисија за спречување на корупција молчеше. Денес ќе ги „поздравиме“ за овој нивен молк и ќе побараме одговорност“, порачаа од Протестирам.

Дел од демонстрантите пред СЈО ги запалија и сликите со ликот на претседателот на ВМРО ДПМНЕ и неодамнешен премиер на државата Никола Груевски.

Од протестирам се децидни дека протестите и политичката борба остануваат на улиците се до исполнување на барањата на движењето. Како дел од овие барања се итно повлекување на одлуката за аболиција и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, повлекување на одлуката за парламентарни избори на 5 јуни, но и задолжително вклучување на претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата како и формирање техничка влада која че ги имплементира реформите што ќе доведат до одржување фер и демократски избори.