Загреб ја доби првата паметна соларна клупа, проект на студентот Иван Мрвош

Пред зградата на Ректоратот на загрепскиот универзитет е поставена првата паметна соларна клупа. Втората паметна клупа ќе биде поставена на отворањето на Европските универзитетски игри во јули пред Филозофскиот факултет во Загреб.

Овие клупи се дел од проектот на иноваторот Иван Мрвош, студент на Факултетот за електротехника во Сплит, чија цел е да се поттикне користењето на зелените и одржливите зелени технологии.

Освен за одмор, клупата може да се користи за полнење на мобилните телефони или таблет-уредите, има хотспот за Интернет, сензори за квалитет на воздухот, а прибира и други податоци кои се јавно достапни како што се нивото на бучавата, температурата на воздухот и слично. Ноќе служи како јавно осветлување, има бројач на минувачи, може да работи 10 дена без сонце, а отпорна е на удари.

Мрвош вели дека годинава сака да постави уште десетина такви клупи во Загреб, а во светот 500, додека идната година планира да постави неколку илјади.

Досега вакви клупи добија повеќе поголеми и помали градови во Хрватска.

Извор: Inovativnost.mk/Unizg.hr