„Зад себе остави интелектуален вакуум“ – Светот оддава почит на Стивен Хокинг

Од астронаути, преку научници, до светски лидери и јавни личности, социјалните мрежи се исполнија со пораки со кои се оддава почит на животот на „огромен ум и неверојатниот дух“ на физичарот, професор и автор Стивен Хокинг, кој почина на 76 годишна возраст.

Астронаутот Тим Пик, кој помина 6 месеци во вселената во 2016 година, вели дека Хокинг инспирирал генерации да „погледнат подалеку од нашата сина планета и да го прошират своето разбирање за универзумот“.

Американската вселенска асоцијација НАСА на Твитер објаснија дека „неговите теории отклучија универзум на можности кои ние и светот ги истражува“.

„Продолжи да леташ како суперчовек во микрогравитацијата, како што им кажа на астронаутите на Вселенската станица во 2014 година“, напишаа од НАСА.

Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека неговата „храброст и истрајност ги инспирирала луѓето од целиот свет“.

Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, го напиша еден од најпознатите цитати на Хокинг, за тоа дека и покрај тешката болест која целосно го парализирала, тој никогаш не се откажал.

Ток-шоу водителот Лери Кинг оддаде почит на физичарот давајќи пример за неговиот смисол за хумор. „Во едно интервју го прашав Стивен Хокинг што е она што најмногу го збунува во универзумот. `Жените`, бил неговиот одговор“, напиша Кинг.

Пронаоѓачот на интернетот, Тим Бернерс-Ли, беше еден меѓу првите кој одговори на информацијата за смртта на Хокинг. „Изгубивме огромен ум и неверојатен дух“, напиша тој на Твитер.

Физичарот и телевизискиот водител Нил де Грас Тајсон сподели фотографија на која е заедно со Хокинг со текст: „Неговата смрт остави интелектуален вакуум зад себе“.

Професорот Хокинг е првиот што ја постави теоријата за универзумот како збир на релативитетот и квантната механика. Преку својата работа со математичар Сер Роџер Пенроус тој покажа дека општата теорија на релативноста на Ајнштајн имплицира дека просторот и времето би имале почеток во Биг Бенг, а крај во црните дупки.

Тој, исто така, откри дека од црните дупки излегува енергија и исчезнува во празно – феномен кој подоцна ќе биде наречен Хокинг зрачење.

Хокинг беше познат и како „чудо на природата“, бидејќи успеал да ги побие сите лекарски предвидувања дека ќе има кус живот, откако на 22 годишна возраст му бил дијагностициран редок вид болест на невролошкиот систем.