„За Матка, за Данска, за сонот во една магла“ – второнаградениот говор на Маријана Китаноска од Ораторската вечер „Иво Пухан“

Матка. Кањон со прекрасна глетка. Ви го одзема здивот. На само 15 км од Скопје. Толку блиску, а толку далеку. Исто како и Данска.

Сакате да се одморите од грандиозно блескавите споменици кои ни го “разубавеа“ градот. Одете на Матка. Ништо не е бело и блескаво таму. Сиво е и црно. Кафено. Темно. Модро езеро. Сива карпа. Но, толку е мирно и спокојно.

Недела. Убаво време во градот. Но градов гуши. Сончевите зраци не нудат спокој, не ме поттикнуваат длабоко да вдишам. Бидејќи јас сум љута. НЕ! Гневна сум. Очите ми се преполни со улици од лица кои се исто незадоволни. И никој не нуди излез, нов пат. Затоа: Еве ме мене на Матка. Сонцето таму не се пробива низ слоеви смог, магла и нечистотии. Сонцето свети. Силно и златно. И се е појасно. Веднаш ми е полесно. Веднаш ја земам неделната “ДОЗА“ на спокој и почнувам да сонувам…

Некој ме тапка по рамо. Две данкињи. Студентки, без товар во срцето, со ранци на грбот, тргнале да се шетаат и истражуваат по Европа. Тие побарале петстотини евра за прошетка од неколку дена, а јас петстотини денари му побарав на татко ми изутринава. И не за до Матка. За цела недела ако може да ми стигнат….Од 500 денари косата му се крена, со недопиено утринско кафе. За Данска да му побарав 500 евра, ќе му паднеше и  таа коса која му остана.

Can you taaaake aaaaa phooootoooo, pleeeeesase?? Секако. И не треба да ми зборуваат англиски како на ретардирана. Ги разбирам. Знаете колку апликации пополнив на англиски, колку писма напишав и есеи. Па ги искинав. Затоа што сакам да сум како нив. Но не во нивната земја. Не во друга и туѓа. Сакам да сум во мојата. ВО ОВАА ЗЕМЈА. Своја на свое.  Македонка во Македонија. Многу е? Многу е. Премногу е. Затоа што нас и во Косово веќе ни е скапо. И во Белград ни е скапо. И дома ни е скапо. Па каде да одиме? Каде после толку години учење? Да седиме со бесплатниот вифи и да го гледаме светот низ професионални слики? Да замислуваме дека сме среќни со спомениците и некое парче облека на попуст. НЕ! Данкињите не беа поубаво облечени од мене! Во Копенхаген имаат само мала сирена и една улица со продавници… Сирената не е ни до колената на нашите револуционерни војводи истопорени во центар. Но имаат тоа што го прави животот убав, тоа што ја прави студентка како мене полна со ентузијазам. Имаат опции. Имаат можности за напред. Не им треба Матка за да дишат длабоко и да се насмеат.

Заслужуваме ли ние овде родени, ние кои овде ќе останеме да имаме пристоен живот и подобра иднина!?

Да. Да. Три пати да!!!

И секој од вас кога нема да плаче и да кука, туку кога ќе си го дигне гласот и ќе се бори за своја подобра иднина, тоа ќе е возможно. Кога нема да се дреме на вифи, туку ќе се учи и работи, тогаш ќе е подобро и ќе има резултати. Кога нема само да плукаме по тоа што сме го добиле, туку ќе изградиме нешто свое, тогаш ќе смееме да критизираме. И не! Македонија не мора да биде како Данска. Македонија може да биде подобра од Данска. Малку треба. Нееее. Многу треба. И не само на хартија!