Второ издание на Меѓународниот театарски фестивал од 27 мај до 3 јули

Со претставата „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ во режија на Лилија Абаџиева на театарот „Софија“ од Бугарија, од утре (27 мај) ќе започне второто издание на Меѓународниот театарски фестивал МНТ-Фест.
На фестивалот, кој ќе трае до 3 јули, ќе настапат голем број национални театри од повеќе земји од регионот и пошироко, а ќе има и работилници, изложби и предавања.
Во рамки на фестивалската програма премиерно ќе биде изведен првиот лиценциран мјузикл во Македонија насловен „Чикаго“, правен по комплетна лиценца по сите правила и прописи на Бродвеј. Мјузиклот е во копродукција помеѓу МНТ и Македонската опера и балет, во режија на Наташа Поплавска.
На 2 јуни, Националниот театар од Будимпешта ќе настапи со претставата „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, во режија на Давид Доиашвили, а на 5 јуни Народно позориште Белград ќе настапи со претставата „Бело кафе“ од Александар Поповиќ, во режија на Милан Нешковиќ.
Театарот од Подгорица ќе настапи со претставата „Три сестри“ од Чехов, во адаптација и режија на Ана Вукотиќ и Слободан Милатовиќ, а на 8 јуни Турскиот државен театар од Истанбул ќе настапи во претставата „Кога ова би било филм“ од авторот Алмир Имширевиќ, во режија на Билге Емин.
На 20 јуни пак, ќе биде изведена „Дневникот на еден лудак“ од Николај Васиљевич Гогољ, во режија на Леван Цуладзе.
За време на фестивалот ќе има два отворени дена за младите автори и за независните проекти од Македонија. Сите заинтересирани може да се пријават во МНТ на 27 и на 28 јуни, а ќе има и два разговори, со Лилија Абаџиева на тема „Мојот театар“ и со режисерот и директорот на Националниот театар од Будимпешта, Атила Видњански.
Ќе се одржат и две работилници за актери, режисери, музичари, сценографи, костимографи и за сите љубители на театарот, со Горан Трајковски на тема „Музиката во театарската претстава“ и со сценографот Валентин Светозарев на тема „Создавање на театарски светови“.
Билетите за претставите ќе чинат 200 денари.