Втор собир на средношколци, родители и наставници денеска пред МОН

Средношколците најавија втор протестен собир заедно со родители, наставници и граѓани, денеска, во 17 часот, пред Министерството за образование и наука во Скопје. Преку собирот, тие уште еднаш ќе го искажат својот револт од игнорантскиот однос на надлежните и ќе побараат да продолжи дијалогот.

„Ние сме тука до крај, нема да се тргнеме од кампот се додека не ги добиеме нашите барања. Делумно ги добивме, со тоа што матурата ни ја даваа само за оние што се матуранти оваа година, а другите три години да се изработува нов концепт со наши работни групи кои ќе им помагаат на нив, а за екстерното не добивме ништо. Не сакаат да попуштат воопшто, така што додека не го добиеме екстерното и матурата, нема да се трнеме сигурно“, изјави за Радио МОФ, средношколецот Влатко Јовановски од гимназијата „Никола Карев“.

Тие вчера во знак на протест ги оставија своите униформи на оградата пред министерството и извикувајќи „Излезете кукавици“ ги повикаа надлежните да ги слушнат нивните барања. Протестот кој требаше да трае час и половина беше одложен од безбедносни причини поради протестите за Мартин Нешковски.

За Радио МОФ велат дека бројот на средношколци кои се приклучуваат кон кампот се зголемува и дека ќе продолжат активностите во него.

„Деновите воглавно супер поминуваат, преку ден има поголем број на деца, имаме предавања, уметничко катче, навечер имаме проекција на филм веќе два дена по ред, а готвењето ни е најинтересно“, вели Јовановски.

Министерството за образование и наука пред една недела го соопшти конечниот став, да се задржи стариот концепт на државна матура, но само за оваа година, а во делот со екстерното тестирање нема да има промени. Од наредната година ќе се формираат работни групи кои ќе работат на унапредување на новиот концепт и екстерното. Од Пленумот велат дека се уште нема никаква реакција од ресорното министерство и покана за нова средба.