Втор круг од локалните избори, избирачките места отворени навреме

Сите избирачки места на кои се одржува втор круг од Локалните избори 2017 година утрово се отворени навреме во седум часот, информираат од Државната изборна комисијата. Според ДИК гласањето се одвива непречено и дека нема информации од општинските изборни комии и избирачки одбори за некакви проблеми при гласањето. Итото го потврдија и набљудувачите од Граѓанската асоцијација МОСТ, додека од Цивил забележале доставиле пет извештаи за нерегуларнисти, како како кршење на изборниот молк во Трубарево, но и организиран превоз кој го врши поранешен заменик-министер од претходната власт во Шуто Оризари.

„Исто така, во Шуто Оризари во училиштето „26 Јули“ се нотираат два случаи на семејно гласање. Во Штип полицаец побарал од акредитиран набљудувач на Цивил да се оддалечи од местото кое се наоѓало надвор од избирачкото место. Иако уредно се претставил и ги покажал сите потребни документи му било кажано да замине од таа локација“, рече претседателот на Цивил-Центар за слобода, Џабир Дералаи. Додава и дека во училиштето „26 Јули“ имало фотографирање на гласачкото ливче и лицето било приведено од полицијата

Шести локални избори во Македонија

Во Македонија денеска се одржува вториот круг од  шестите локални избори по независноста на земјата. Граѓаните избираат градоначалници во 35 општини, на 1.517 избирачки места, каде право на глас имаат 833.710 граѓани.

Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.

Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.

Во Кисела Вода, Гази Баба и Бутел ќе се гласа меѓу кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, во Чаир и во Сарај меѓу кандидатите на ДУИ и БЕСА, а во Шуто Оризари меѓу кандидатот на СДСМ и кандидатот на Сојузот на Роми.

Од останатите општини втор круг ќе има во Штип, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Виница, Демир Капија, Македонска Каменица, Македонски Брод, Кавдарци, Пробиштип, Градско, Јегуновце, Росоман, Старо Нагоричане, Чашка, Могила, Зрновци, Новаци, Брвениа, Чешиново-Обелешево, Боговиње, Врапчиште, Долнени, Желино, Липково, Теарце, Студеничани и Карбинци.

Гласачките места ќе бидат отворени  до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа. Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога беа избрани членовите на советите во општините, градоначалник на Град Скопје и градоначалници на 45 општини.

Ова се шести локални избори во Македонија по независноста. Првите се одржаа во 1996, а следуваа во 2000, 2005, 2009 и 2013 година.

Пријавување повреда на избирачко право

Во текот на гласањето отворени ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител, од 7 до 19 часот во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип. Освен лично во канцелариите, граѓаните изборните нерегуларности ќе може да ги пријават и на  телефонските броеви: Канцеларија во Скопје: 02 3129-327 и 3129-367, Битола: 047 242-310, Кичево: 045 228-586, Куманово: 031 431-488, Струмица: 034 329-996, Тетово: 044 344-082 и Штип: 032 389-701.

Пријавување нерегуларности може да се прави и во Хелсинчкиот комитет за човекови права, лично во канцеларијата на улица „Наум Наумовски Борче“ бр. 83 во Скопје или преку телефонски број 02-3119-073 и е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација – изборна единица и број на гласачко место и време на настанување на повредата на избирачкото право.

И од МОСТ апелираат до граѓаните сите неправилности може да ги пријават на бесплатниот телефонски број 080080080 како и на веб платформата.