Врховниот суд повторно ќе го разгледа судскиот спор на Крафтверк за „Metall auf Metall”

Уставниот суд во Карлсруе ја поништи пресудата на Врховниот суд на Германија, со која хип-хоп продуцент не смее да користи делови од песните на електро-поп групата Крафтверк.

„Врховниот суд мора повторно да се посвети на овој проблем. Неговите пресуди не одат во насока на уметничката слобода”, образложи заменик-претседателот на Уставниот суд Фердинанд Кирхоф.

Тој ја образложи пресудата и случајот кога членот на легендарната електронска група Крафтверк, Ралф Хутер, го тужеше хип-хоп продуцентот Мосес Пелхам поради искористени две секунди од нивната песна „Metall auf Metall” од 1977 година, за да направи ритмична подлога, што е вообичаено за овој жанр.

„Со користењето на кратки фрагменти настанало ново дело кое во никој случај не штети на Крафтверк. Забраната за таквата употреба практично ќе уништи цел жанр на музика”, објаснува Кирхоф.

Во претходната одлука на Врховниот суд на Германија, судиите одлучија дека музичкиот фрагмент наречен семпл, не смее само да се копира. Хутер од самиот почеток нагласува дека не станува збор за материјално, туку за морално прашање.

„Доаѓам од времето кога некој се прашуваше пред нешто негово да се користи”, објаснува Хутер и истакна дека уметниците кои побарале од Крафтверк да користат извадоци од нивните дела, вклучувајќи ги Колдплеј, Џеј Зи и Black Eyed Peas, им било дозволено.

Уставниот суд го врати случајот кај Врховниот суд и предложи мислењето да се базира според правната инстанца на Европскиот суд, со оглед на тоа дека прашањата за авторски права се усогласени и координирани на ниво на ЕУ од 2002 година.