Возрасната граница на деца корисници на дроги сè помала, а решение нема

Бројот на малолетни зависници на дрога постојано расте, а стандарди и програма за нивно лекување се уште нема, потврдува социјалниот работник Тамара Мартиновска. Таа како дел од службата за заштита на деца при Центарот за социјална работа на Град Скопје често се среќава со оваа категорија граѓани и вели дека возрасната граница на малолетни зависници продолжува да се намалува. Најмалиот корисник на дроги има 12 години, додека на лепак, има само девет години.

„Кај нас, во принцип, децата се евидентираат според други ризици и во текот на понатамошната работа се констатира дека тие користат дроги“, го објаснува нивното работење.

„Ние немаме конкретни програми во склоп на нашата работа, но во соработка со невладината ХОПС ги советуваме родителите, им даваме понатамошни упатства за како да се справат во тие ситуации. Многу често повозрасните деца ги упатуваме на Детска психијатрија“, вели Мартиновска.

Сепак, досегашната работа има мал успех, оценува таа, токму поради отсуството на конкретни стандарди и процедури за работа.

„Според мене, треба прво да се направи програма и отворање на Дневен центар за деца корисници кој ќе биде во функција“, смета таа.

Институциите во земјите од регионот, вклучително и во Македонија, ретко прибираат податоци за децата и млади во социјален ризик, со што практично е невозможно да се следат политиките коишто се зацртани и во националните стратегии и во акциските планови што ги носат министерствата и другите државни агенции, појаснува Ивица Цековски од невладината ХОПС – Опции за здрав живот.

За него, проблемот со дрогата меѓу малолетната популација е голем и е редно време да се најде одржливо решение.

„Ова е проблем што опстојува во Македонија многу долго време, а решенија практично да не постојат. Пред неколку недели со повеќе организации и институции, формиравме национално координативно тело коешто во наредните неколку години ќе продолжи да апелира до надлежните да наоѓаат решенија“, рече Цековски.

Тој напоменува дека и тие податоци со кои располагаат институциите не се совпаѓаат со сликата на терен.

„ХОПС само во Скопје досега има исконтактирано 85 деца коишто употребуваат дроги до крајот на 2016 година, и секоја година контактираме околу 30 нови деца. За ниту едно од овие деца досега не е изнајдено решение, не е започнат третман, не е обезбедена никаква услуга од страна на државата којашто може да се смета за соодветна за болеста со зависност. Ги гледаме секојдневно на улциите, но многу голем дел од нив не ги гледаме, нагласи Цековски.

ХОПС заедно со организации од пет други држави во регионот започнаа проект кој во наредните четири години ќе изнаоѓа решенија. На денешната јавна трибина, се обратија претставници од организации од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, на која и претходеше тридневна обука.

„Кога веќе државите се уште не изразиле стандарди и не ги дефинираат сервисите за овие популации на млади, тогаш невладините организации во улога на коректор тоа го сфаќаме многу сериозно“, истакна Денис Дедајиќ од босанската Асоцијација Маргина.

Состојбата во Босна и Херцеговина е многу слична како и во останатите земји во регионот, вели тој.

„Ние имаме прилично лошо државно уредување, имаме најмногу претседатели и министри по глава на жител и е многу тешко во такво структуирано друштво да се делува. Но, веќе 15 години нашата организација работи со три целни групи, зависници на дрога, сексуални работници и затвореници. Меѓу сите тие популации, посебен фокус е кон децата и младите во ризик. Она што е можеби специфично е тоа што успеавме после 15 години работа сите свои сервиси да ги акредитираме кај Држаната агенција за акредитација во здравството и како такви сме првите во Европа“, појасни Дедајиќ, додавајќи дека редовно ги следат меѓународните стандарди, но и создаваат нивни, а веќе постоечките ги прилагодуваат.

Децата и младите во социјален ризик не претставуваат државен приоритет, смета Небојша Ѓурашовиќ од српското Здружение на правници.

„Затоа што се малобројни и затоа што не се друштвено посакувана група“, додава тој.

Кај нив повеќето од сервисите за маргинализирани популации се затворени по заминувањето на Глобалниот фонд од нивната држава во 2014 година.

„Во моментов постојат само сервиси за сексуални работници и за корисниците на дрога во Нови Сад, и во Западна Србија за геј луѓето. За жал, не е нормално кога сте во процес на пристапување кон Европската Унија да ги занемарувате маргинализираните групи и популациите кои имаат потреба за помош и поддршка“, забележува тој.

Емилија Петреска