„Возиме како дами и господа“ – Битола На точак во четврток

27. Критична маса на неформалното движење Битола На точак, ќе се одржи утре (30 јуни) во 18 часот, а слоганот на ова возење е „Возиме како прави дами и господа“.

„Како и секогаш, секој кој сака да вози и да е дел од критична маса може да биде дел од неа без разлика на начинот на облека. Но, со оглед на тоа што самата критична маса е флеш моб и анимирање на јавноста за нашата присутност на битолските улици и исто така добра забава за самите учесници – ве повикуваме сите да придонесете за оваа вело-дружба да биде супер успешна и интересна за сите кои возиме, но и за луѓето кои ќе имаат прилика да ја погледнат.

Доаѓа нова генерација на граѓани, кои си го сакаат градот, кои се грижат за него, кои не загадуваат, кои се мобилни и кои не користат кола за кратки растојанија, кои одат на корзо, на работа, на училиште наТочак, кои уживаат 12 месеци на точак, а не само во лето! Се повеќе луѓе се среќаваат кои обрнуваат големо внимание на нивните точаци, ги чистат и гланцаат, ги украсуваат, ги вадат од визба и репарираат нивните ретро точаци“, велат од битолското На Точак.

За најдобрите учесници ќе има и подарок – брендиран привезок за клучеви со логото на БитолаНаТочак.