Возилото на НАСА денеска го прави историскиот прелет над Плутон

Денеска во 13:50 по централноевропско време, по девет и пол години патување и преминати 5 милијарди километри (4,5 светлосни часа), вселенското летало на НАСА, „Нови хоризонти“ ќе прелета над Плутон со 50.000 км/ч, правејќи фотографии и научни анализи од површината и атмосферата на оваа џуџеста планета и нејзиниот систем од пет месечини, пренесува порталот Орион.мк. Најважните испитувања ќе се случат за време на 24-часовната блиска средба, која е веќе отпочната. Досега ниту една мисија не го посетила Плутон.

Плутон бил откриен во 1930 година и веднаш бил класифициран како деветтата планета во нашиот сончев систем, но со откривање на слични тела во тој дел од Сончевиот систем, во 2006 г. Плутон беше деградиран во новата класа на „џуџести планети“.

Возилото на НАСА денеска го прави историскиот прелет над Плутон

Општи информации за Плутон

просечна оддалеченост од Сонце: 40 астрономски единици (моментално е на 32 а.е.)
една орбита: 250 години
брзина на орбитирање: 5 км/сек.
наклонетост на орбита: ~20°
дијаметар: 2.300 км
маса: 0,2% Земја; 20% Месечина
едно деноноќие трае: 6,5 дена
наклонетост на оска: 120°
температура на површина -230° С
привидна магнитуда 13,5 – 16 маг.

Оддалеченоста на „Нови хоризонти“ во однос на Плутон е сè помала и веќе е помала од оддалеченоста на Месечината од Земјата. Откога вселенската сонда ќе го одмине плутоновиот систем и се ќе биде во ред, тој ќе отпочне со испраќање на сите научни податоци од утре па сè до септември 2016.

Мисијата Нови Хоризонти ќе продолжи со истражување на Кајперовиот појас кога во 2019 се очекува да посети мал објект од овој регион со дијаметар од 50 до 100 км. Во меѓувреме ќе ги очекуваме најсвежите информации кои континуирано ќе пристигаат од „Нови хоризонти“ во претстојниот период.
Постои мала веројатност од 1:10.000 леталото да не го преживее прелетот поради удар во мали честици кои орбитираат околу Плутон. За првпат по прелетот, леталото ќе искомуницира со НАСА во 3:00 по полноќ (ова може да го следите на НАСА ТВ).