Во Сингапур се воведува такси служба без возачи

Сингапур ќе стане првата држава во светот со беспилотна такси служба. Почнувајќи од оваа недела, патниците ќе можат бесплатно да повикаат такси од nuTonomy, стартап компанија која оперира сопствен бренд на автономни возила.

Со тоа, „nuTonomy“ ги „претекнаа“ пионерите на производството на автономни возила како Гугл, Тесла и Фарадеј Фјучр.

„NuTonomy’ користат електрични автомобили на Рено и Мицубиши, и се први од својот вид во цел свет. Иако управуваат без возач, во самиот автомобил секогаш ќе има личност која може да преземе контрола над автомобилот доколку изгуби контрола. Сите автомобили се опремени со Лидар, технологија за собирање податоци која ја мери далечината со ласери, кои компјутерите на возилото ги користат за навигација во околината.

Компанијата ќе започне со само шест возила, но планираат да ја прошират „флотата“ на 12 до крајот на годината. Конечната цел е да имаат многуброен возен парк кој ќе биде сосема автономен, до 2018 година.

Не само што овие автомобили се побезбедни од вообичаените, туку и ќе го намалат сообраќајниот хаос на хаотичните и секогаш заглавени сингапурски патишта, тврдат од компанијата. Даг Паркер, извршен директор на nuTonomy, тврди дека така ќе се намалат метежите за 600000 автобили помалку.