Во шумската градина на Димитар: Пермакултурата те учи како да одгледаш храна без да ја уништуваш природата

Овошни и јаткасти дрвја ја сочинуваат шумската градина на младиот Димитар Ставрески од охридското Велмеј. Негова желба е да ги усоврши начините на одгледување на храна кои не ја деградираат природата и потоа тие начини да им ги пренесе на другите.

„Да го дадам својот придонес за подобро утре“, вели тој.

Во неговата градина, на која целосно се посветил веќе две години, може да се најдат цреши, сливи, јаболка, круши, дуњи, лешници, бадем, праска, вишна, смоква, мушмула… А од лани започнал да експериментира и со зеленчуци.

„Шумската градина е концепт на дизајн каде се обидуваме да ја имитираме шумата како најстабилен екосистем на нашето поднебје, со таа разлика што користиме дрвја кои имаат плодови што ние можеме да ги јадеме“, објаснува Димитар.

Зеленчуците, пак, ги садел во ткн. бавчи без копање.

„Тоа е концепт каде бавчите еднаш се поставуваат и потоа не се копаат и секоја година се става над нив нов слој од распаднати органски материи (компост, слама, биохумус). Се  дизајнираат на таков начин  да не се гази на нив, за да не се компактира почвата, за да нема потреба од копање. За да не расте трева се става слој на прекривка од компост и слама, кои ја блокираат светлината на сонцето да не дојде до непожелните треви во бавчата. Имав посадено тиквици, грав, зелки, пиперки, патлиџани, кромид, цвекло, брокула, краставици…“, појаснува тој.

Пермакултурата за него претставува начин на размислување, начин на дизајнирање со цел создавање на услови за одржливо живеење на човекот во склад со природата, но ја доживува и како внатрешно будење.

„Преку набљудување на природата и учење на сите интеракции во неа стануваме повеќе свесни за нашиот моментален деструктивен однос кон неа, но и за можноста во иднина да го ускладиме нашето живеење со нејзините процеси“.

Токму поради тоа, пермакултурниот пристап кон земјоделството него најмногу му имало смисла.

„Те учи како да одгледаш храна без да ја уништуваш природата. Како со внимателно набљудување и дизајн да ги имитираш природните процеси со цел да ја облагодариш земјата  и од година во година да станува поплодна“, вели тој.

Учењето не престанува, забележува младиот Димитар. Вели природата те учи на нови работи секој ден.

„Јас првпат се запознав со пермакултурата пред шест години преку пермакултурен курс организиран во Скопје со предавачи од Хрватска од здружението ЗМАГ. После курсот почнав многу поразлично да ги гледам работите и секој ден се повеќе учев и се надградував преку интернет“, објасни тој.

Сепак, земјоделството како професија во Македонија е тешко и финансиски неипслатливо, особено за младите, смета Димитар.

„Тоа е вистината. Тие што целосно живеат од земјоделство во Македонија, немаат можност и време за да се грижат дали ја уништуваат природата или не, се обидуваат да опстанат. Се надевам дека во иднина ова ќе се смени и земјоделството ќе добие поголема финансиска вредност, бидејќи е многу благородно да одгледуваш храна, посебно кога тоа го правиш со љубов“.

Според него, неопходен е долгорочно одржлив начин на живот.

„Ја уништуваме природата со забрзано темпо, ефектите од климатските промени веќе ги чувствуваме, мора да ги промениме начините на одгледување храна, на градење на живеалишта, на користење на енергија.  Не е важно дали ќе е пермакултурата или друг систем на дизајнирање. Важно е да размислуваме во тој правец и се’ што правиме да е во таа насока“, надополнува тој.

На земјоделството гледа како тешка физичка работа, а тоа го сфатил уште од мали нозе додека му помагал на своето семејство. Вели дека иако современата механизација го олеснува процесот, си има своја цена – деградација на природата и човековото здравје.

„Јас се вратив кон земјоделството бидејќи преку пермакултурата станав свесен за неговата важност и сакам да придонесам кон создавање на нови практики за одржливо земјоделство“.

„За жал мора и нешто друго да се работи за да се опстои. Кај нас земјоделството финансиски не е ценето. И сиромаштијата си го прави своето, па луѓето не можат најчесто да оделат повеќе пари за органска или пермакултурна храна, во која се вкалкулирани и неуништувањето на природата и неуништувањето на човековото здравје“, додава.

Во Македонија тој познава доста здруженија и организации кои се пионери во оваа насока. Меѓу нив ги спомена „Зелената арка”, кооперативата на потрошувачи на органска храна „Добра Земја” и „Кален”.

„Секако дека има потенцијал, но мислам дека кај нас нејзиното време уште не е дојдено. Во развиените земји веќе се размислува во насока на агроекологија, постојат и  факултети за одржливо земјоделство. Но, ние за жал според мене прво мора да поминиме низ неодржливиот раст низ кој поминале сите развиени земји, па дури тогаш ќе почнеме да размислуваме на ваков начин“.

Со потешкотии се соочил и кога сакал да добие поддршка од државата за она што го прави.

„Јас се заинтересирав за субвенции кога ги садев овошните дрвја, но забележав дека се бара да имаш посадено само една култура на целата површина, односно монокултурно. Тоа е во конфликт со пермакултурата, а нормално и со природата во која се е мешовито. Целта на мешовитото садење е заштита од штетници и болести како и подобро искористување и размена на нутритивните вредности во почвата“, нагласи Димитар.

Овој млад земјоделец предупредува и за проблемот околу прсканите производи, кои може да се најдат на пазар.

„Гледајќи дека во моето село веќе нема некој што не прска, на пазар тешко ми е на некого да му поверувам кога ќе ми каже дека не е прскано. Производите што се сертифицирани како органски од сертификациони тела, по правило треба да се, но и тука има одредени пропусти“.

„За жал, ефектите од нашите постапки ќе ги осетат нашите поколенија. Краткорочно размислуваме, не можеме да ја видиме поголемата слика“, додава.

Сепак, тој не планира официјално да се сертифицира. Вели дека луѓето што го запознале му веруваат, знаат зошто го прави ова и која ми е целта.

„Тие што не ме знаат се добредојдени да ме посетат, да се запознаеме, да видат како работам. Убаво е да се врати довербата меѓу луѓето. Во денешно време лажењето се поистоветува со трговија, кој подобро лаже тој е подобар трговец“, заклучи тој.

Токму во таа насока, Димитар има и своја Фејсбук страница „ПермаВита-Охрид“, на која известува за својот напредок во работата.

Емилија Петреска