Во полиција приведени, па пуштени двајца активисти за легализација на марихуана

Двајца активисти на Зелената алтернатива, здружението што беше еден од иницијаторите за легализација на марихуаната во Македонија, синоќа се приведени, па пуштени од полиција.

Како што објаснува Филип Достовски, еден од приведените, вчера попладне полицијата влегла во неговиот дом, додека тој бил надвор од дома. Откако му јавиле дека се врши претрес, веднаш се предал на полицијата по што бил однесен на испрашување во полициска станица.

„Кај мене беше најдено околу 300-400 грама див канабис кој расте во Македонија, донесен од пациенти што се лекуваат со масло од канабис, како и некои направи за екстракција, кои ми беа вратени“, објаснува Достовски.

Тој важи за еден од најгласните активисти и не крие дека им помага на пациентите да научат како се екстрахира маслото за кое многумина тврдат дека им помага во борбата со тешки болести . И самиот Достовски боледува од рак на белите крвни клетки – Хочкинов синдром. Тој јавно говори дека редовно го користи лекот од канабис, но силно е револтиран од фактот што екстрактот кој легално се продава во аптеките е преслаб и прескап.

„Како да купувате вода. Имаме добар закон за пациенти, кој секако дека може да се подобрува. Ние се зајадовме со компанијата која продава массло од канабис во аптеките, бидејќи тоа доведе со зголемување на црниот пазар, Така, за иста количина масло кое ние (нелегално) го правиме со екстракција на канабис за 3000 евра, во аптеките тоа би чинело околу 40 000 евра, пресметано според процентите на канабоиди“, објаснува Достовски.

Поради тоа што јавно ги критикува ваквите политики, вели дека неодамна добил закани по телефон дека треба да молчи, за да не заврши во затвор. Додава и дека пред неколку дена, на 50 метри од дома бил претресуван од полицијата која откако не нашла ништо го казнила за неносење лична карта.

За односот на полицијата синоќа вели дека бил сосема коректен, а им се заблагодарува и на сите оние кои без да очекува, се мобилизираа да му помогнат да биде пуштен за да се брани од слобода.

„Ние не сме дилери“, вели тој. „Сето она што го кажав во исказот во полиција го кажувам и јавно, секој ден“.

Достовски додава дека иако е на слобода, свесен е дека е голема можноста за кривична пријава и затвор, како за него, така и за неговиот колега од Зелената алтернатива кој беше приведен истовремено со него.