„Во одбрана на Дебар Маало“ ќе поведе судска постапка против општина Центар и Жерновски

Во одбрана на Дебар Маало, како самоорганизирана група на жители се подготвува да поведе судска постапка против општина Центар и градоначалникот Жерновски поради повеќекратно прекршување на законот.

„Со одлуката на општина Центар и градоначалникот Андреј Жерновски да се гради во Градскиот парк, нелегалното уништување на јавен простор и зеленило за време на изградбата на Скопје 2014 се проширува и во најголемата оаза во градот. Ова е особено алармантно бидејќи ваквото недемократско однесување се случува кога  градот се соочува со еколошка катастрофа и нарушено здравје на граѓаните“, велат од иницијативата.

„И по две години, градоначалникот Жерновски и општината немаат одговорено на доставените забелешки и со тоа директно го кршат  Законот за просторно и урбанистичко планирање со кој се утврдува постапката за изработка на урбанистички планови“, додаваат.

Според нив, овој потег е само еден чекор во битката да се смени „долго воспоставената недемократска пракса на урбано планирање“ и како што велат конечно со јасна стратегија и визија да се планира урбаниот развој на општината и градот, во колективен интерес на тие што живеат и работат во него.

„И покрај забелешките за катастрофалните планови, градоначалникот Жерновски и раководството изминативе години непречено усвојуваат неиздржани нацрти за ДУПови, издаваат одлуки за градба  во отсуство на солидна  планска програма и  ажурирани податоци од терен, ги инструментализираат иницијативите на жителите и ги игнорираат аргументираните и експертски забелешки“, велат од „Одбрана за Дебар маало“.

За нив, одлуката да се гради нова сала на спортскиот клуб Работнички е уште еден пример што повторно отвори прашања за начинот на кој Општината Центар и градоначалникот Андреј Жерновски го планираат урбаниот развој на општината.

Тие ги повторија проблемите што ги воочиле околу одлуката за изградба на спортската сала во предвидениот размер, а кои како што велат се уредно доставени пред два месеци до Општината и повторно премолчени од градоначалникот Жерновски:

  • Парцелата во сопственост на БАУЕР БГ (фирма која ги доби тендерите за голем дел од објектите СК 2014) беше предвидена за катна гаража од 29м, а според важечкиот ДУП 3 12 за Градски Парк и дел од Дебар Маало 2 објавен на страната на општина Центар. За направената пренамена немаше никаква објава и расправа, задолжителна во случај на  дополнителни промени на парцели од јавен интерес.
  • Проширена е локацијата за градба на салата. Не е јасно кои парцели ќе бидат вклучени во новиот објект и дали ова ќе се случува на сметка на постоечко јавно зеленило.
  • Не е познато дали со закон предвиденото сообраќајнот решение утврдува одржливост на објектот ниту е јасно дали воопшто е сработено сообраќајно решение со кое ќе се увиди дали постоечката сообраќајна инфраструктура може да го издржи предвидениот нов сообраќај.
  • Одлуката да се гради се донесува и покрај забелешки од жители доставени во декември 2015 и јануари 2016 год. со анкетни ливчиња и на средба со градоначалникот за оваа парцела но и за севкупниот нацрт ДУП за градска четврт 3 12 Градски парк 1 и дел од Дебар Mаало 2. Едно е јасно, ДУПот 3 12 не задоволува услови за похумано живеење, една од целите на урбаното планирање уредено со чл.2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Од иницијативата велат дека во период кога погледите се свртени кон иднината на објектите од проектот Скопје 2014, процесите и начинот на урбанистичко планирање што доведоа до овој како што го нарекуваат „катастрофален проект“, се олицетворуваат и на начинот со кој раководи општина Центар.

„Нетранспаретни одлуки, спротивни на граѓанскиот и општ интерес и на демократските принципи, се само дел од забелешките што иницијативата Во одбрана на Дебар Маало  веќе две и пол години ги упатува на адреса на општината во раководство на градоначалникот Андреј Жерновски. Меѓу спорните четврти се тие за Градски Парк 1 и Дебар Маало 2 (3 12), Дебар Маало 1 и дел од Дебар Маало 2 (3 10 ) и Буњаковец 1 и Буњаковец 2 (3 11)“, велат од иницијативата.

Во Одбрана на Дебар Маало предложи мораториум на градба во населбата се до утврдување на сите неправилности. Самоорганизираните граѓани од Во одбрана на Дебар Маало поднесоа барање овие проблеми да се стават како точка и на седница на Советот на општина Центар. И по три месеци, членовите на Советот не се одјавија на барањето.