„Во новата година со стариот ГТЦ!“ – продолжуваат активностите за спас на ГТЦ

Со голем протестен настан на 28 декември под мотото „Во новата година со стариот ГТЦ!“ и нова кампања, иницијативата „Го сакам ГТЦ“ уште еднаш ќе побара да се зачува постоечкиот изглед на Градскиот трговски центар во Скопје, а како одговор на најавите за преобликувањето на објектот.

Како што истакна на денешната прес конференција посочија претседателката на Асоцијацијата на архитекти Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, тие остануваат на своите барања за одбрана ГТЦ.

„ГТЦ остана како симбол на борбата против се она што му се случува на нашиот град. Архитектите, сигурно дека мора да понесат дел од одговорноста и ако успееме да го спасиме ГТЦ ќе се спасиме и себе како професија“, изјави Раѓеновиќ Јовановиќ.

За активистот Никола Писарев од голема важност е да се земе во предвид мислењето на граѓаните кога станува збор за изгледот на ГТЦ кој тој го нарекува и срцето на градот.

„Цела оваа кампања што ја правиме цел месец декември и големата протесна забава на 28 декември со мотото „Во новата година со стариот ГТЦ“ треба да им покаже и на приватните инвеститори дека мора да постои граница на приватниот капитал и граница каде што мора да се зачува интересот на граѓаните. А токму тоа е ГТЦ и целата иницијатива е за зачувување на еден објект кој што е премногу важен за Скопје“, рече Писарев.

Во тектот на месец декември од Иницијативата ќе организираат повеќе настани.  Првата поголема средба на волонтери веќе е најавена на 5 декември (петок) во Мобилната галерија во Паркот на Франкофонијата, од 18 часот. Неколку дена подоцна, на влезот во ГТЦ ќе биде поставен штанд за разговор со граѓаните и собирање потписи против преобликувањето на ГТЦ.

Неодамна Министерството за транспорт и врски објави оглас за избор на консултантска куќа за изработка на физибилити студија со која ќе се испитува интересот од приватниот сектор за инвестирање во ГТЦ. Ова ги подгреа сомнежите дека надлежните сепак не се откажале од идејата за затворање и преобликување на ГТЦ.

Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ започна во јуни 2013 година како реакција на тогашниот проект за поставување нова фасада и доградба на ГТЦ. Највпечатлив беше настанот на 14 јуни, кога неколку стотици граѓани го заобиколија и прегрнаа ГТЦ со што симболично порачаа дека го сакаат ваков каков што е сега.