Во Македонија има 22 нови случаи на заболени од ХИВ

Дваесет и два нови случаи на заразени со ХИВ се регистрирани во државата во првите шест месеци годинава и сите се мажи на возраст од 20 до 49 години, покажуваат податоците од Инситутот за јавно здравје. Најголем број се од Скопје, а регистрирани има и од Валандово, Прилеп, Гостивар и Тетово.

Мажи кои имаат секс со мажи е најзастапената група во новозаразените, забележуваат податоците. Невладините организации велат дека има поголем број на случаи во 2017 што се должи и на поголемиот број на тестирања.

„Ние се уште сме земја со ниска стапка на ХИВ а најзасегнати се ризичните групи како лица кои инјектираат дрога, сексуални работнички и мажи кои имаат секс со мажи, но кај овие групи стигматизацијата знае да ги одврати“, изјави Елизабета Божиновска, координатор во ХЕРА.

Оттаму апелираат на поголем број на тестирања. Велат дека последната научна студија за инфекцијата направена пред три месеци покажала дека сите заразени кои се на терапија не можат да го пренесат вирусот.

Според евиденцијата на ИЈЗ, за 30 години, односно од 1987 до сега има 338 регистр4ирани случаи со ХИВ/СИДА. Од нив 83 се починати а 255 лица живеат со ХИВ.

На светско ниво, пак, минатата година починале милион лица, што е двојно помалку отколку во 2005 година, кога од оваа болест починаа речиси два милиона животи, соопштија денеска Обединетите нации.

„Не само што опаѓа бројот на новоинфицирани од овој вирус, како и смртните случаи, туку се повеќе луѓе сега се лекуваат“, се наведува во извештајот во пресрет на конференцијата за сида, што во недела се отвора во Париз.

Во 2016 година, 19,5 милиони имале пристап до лекување од вкупно 36,7 милиони лица кои живеат со вирусот ХИВ, наведе агенцијата УНАИДС.

Од појавата на епидемијата, во осумдесетите години на минатиот век, со вирусот ХИВ се инфицирани вкупно 76,1 милиони лица. Оттогаш околу 35 милиони лица починале од оваа болест.