Во четврток започнува Офф-Фест 2015

Билетите за настапот на Хинди Зара се веќе распродадени, соопшти на денешната прес конференција Оливер Белопета директор на фестивалот Офф – Фест кој по 14 пат ќе се одржи во Скопје, од 28 мај до 1 јуни. Годинава сите концерти во рамките на фестивалот ќе се организираат во Младинскиот културен центар-МКЦ.

Програмата на годинашното 14-то издание на Офф-Фест е распоредена во пет богати фестивалски вечери на кои ќе настапат седум музички групи и изведувачи од три светски континенти. Офф-Фест, кој во организација на Скопскиот џез фестивал ќе ги пренесе звуците и магијата на Мали, Мароко, Јужна Кореја, Португалија и Македонија.

Фестивалот ќе почне во четврток со концерти на корејскиот рок бенд Џамбинаи, а по него ќе настапи африканскиот состав Басеко Којате и Нагони Ба. Во петок во киното Фросина ќе биде проектиран документарниот филм за Бубакар Траоре „Je chanterai pour toi“, кој потоа ќе одржи концерт.

На репертоарот во сабота е ставен настапот на Лула Пена од Португалија и познатата Хинди Зара од Мароко. Неделата пак е резервирана за македонските групи и новиот материјал на Чалгија саунд систем.

Фестивалот во понеделник ќе се затвори со концертот на Тинаривен, на кој ќе му претходи проекција на документарниот филм „The last song before the war“.

„Очекуваме дека публиката, која ОФФест ја создаде сите овие години ќе го проследи фестивалот со големо задоволство“, изјави Белопета.

Целата програма може да ја погледнете ОВДЕ.