Во Битола започнува со работа првото кафуле-задруга „Артикултура“

Битолчани од оваа среда ќе го имаат првото кафуле-задруга во Македонија. „Артикултура“ ќе биде зборно место на ентузијасти кои сакаат да постигнат самоодржливост преку креирање и организирање на разни настани. Од иницијативата најавуваат најразлични свирки, изложби, промоции на книги, проекции на филмови, дискусии.

Кафулето се наоѓа во старата битолска чаршија, поточно до Аврата. Отворањето е закажано со почеток во 20 часот, а ќе има целовечерен настап на бендовите Фанк Шуи и Фолтин. Следната вечер, на програмата е астро-забава, откако свое предавање ќе одржи теорискиот физичар Марко Шунтов, а ќе има и изложба на ретро постери инспирирани од Советската вселенска програма, дизајнирани од Зоран Кардула.

„Идејата е ова место да не биди мое или твое, туку да биди наше, и сите заеднички да допринесиме ова место да успее. Еден ден да стане збиралиште на прогресивната младина, место каде ќе се разменуваат идеи, знаења, мислења, каде ќе се дружи, дискутира, или што вика Софија – каде шо ќе можеш да застанеш на шанкот и да читаш книга без никој да те гледа „шо му е ле на ова?“. Ова треба да биди место кај шо ќе се чувствуваш слободно, и никој нема да ти суди заради твојот изглед, начин на облекување или што знам јас, сексуални преференци. Место кај што ќе можеш да најдеш истомисленици и заеднички да креирате нови иницијативи кои ќе ги делат истите вредности. Со взаемно помагање. Со разбирање. Без авторитети и хиерархија. За јака алтернатива и за убај деца. И за Битола, на крајот на краиштата!“, се вели во описот на задругата.