Влијателните жени ја истакнаа важноста на образованието на девојчињата

Michelle Obama советуваше публика од речиси илјада девојчиња да читаат, да одат на училиште и да ги победат момчињата, на настанот Glamour for Education.

Образованието на девојчињата е клучот за крај на светските проблеми, меѓу кои и сиромаштијата, изјави првата дама на САД Michelle Obama, пред речиси илјада девојчиња присутни на настанот на Glamour Magazine во Apollo Theater, Харлем во вторникот.

Obama беше една од говорниците на настанот, заедно со Charlize Theron, поранешната австралиска премиерка Julia Gillard и Nurfahada, 16-годишна амбасадорка за Plan International, интернационална организација за развој. Тие во Apollo театарот зборуваа за моќта на образованието и неговото долгорочно значење.

Obama ја посочила Nurfahadа, која дошла во САД од Филипините за да раскаже за тоа како девојчињата во нејзината земја не се образовани поради систематското насилство, сиромаштијата и тинејџерската бременост.

„Само замислете како би изгледало ако Nurfahada не го добила потребното образование. Каква штета би било тоа…“, рекла првата дама.

Glamour Magazine го организирал настанот во соработка со иницијативата Let Girls Learn на Белата куќа. Посветеноста на оваа иницијатива да обезбеди еднакво и квалитетно образование за девојчињата и нивна поголема инклузија во општеството е дел од целите за одржлив развој на Обединетите нации.

Во саботата, Obama најави нова глобална иницијатива за образование на девојчиња наречена #62milliongirls, во видео во кое се појавуваат и Beyonce и Hugh Jackman.

„Светската сиромаштија, гладот, здравствените проблеми – решението за сево ова лежи во зајакнување на улогата на жените во светот“, изјави актерката Charlize Theron, основач на Charlize Theron Africa Outreach Project.

Michelle Obama ги охрабри сите жени и девојки да ги подигнат своите стандарди за луѓето во нивните животи, и да ги тргнат настрана негативните влијанија. „Ниту едно момче не е доволно слатко или паметно за да ја спречи девојката да се образова“, го завршила својот говор првата дама на САД.

Извор: Guardian