Властите во Централна Русија забранија јога

Властите во централниот руски град Нижневартовск ги откажале сите часови по јога кои се одржуваат во приватни и општински објекти. Тие стравуваат дека јогата би можела да „шири нови верски култови и движења“.

Според руските медиуми, сопствениците на двете главни хата-јога студиа во градот добиле писма од владини претставници во кои им кажуваат веднаш да запрат со своите часови.

Писма со слична порака добиле и подрачните единици за физичка култура и образование во кои јогата била опишана како „директно поврзана со религиозни практики“ и дека има „различен окултен карактер“.

Хата јогата потекнува од Хинду традицијата, меѓутоа најчесто се практикува како физичка активност која промовира флексибилност и длабоко дишење.

Јогата деновиве беше тема и во Македонија, откако владиката Иларион им порача на православните верници да престанат со оваа активност, затоа што таа била спротивна на Православието. Со тоа се сложи и Српската православна црква.

Во пресрет на Интернационалниот ден на јогата, 21 јуни, се огласи и Грчката православна црква која јогата ја нарече „непогодна“ за грчката вера.