Владата потрошила шест милиони евра за рекламирање во медиумите за три месеци

Со шест милиони евра потрошени во електронските и печатените медиуми за само три месеци, Владата станува еден од најголемите огласувачи во медиумите, открива анализата на Здружението на новинарите на Македонија.

Според ЗНМ, Владата троши огромни средства за владини кампањи, кои најчесто немаат никаква врска со јавен интерес.

„Владата нејзините политики на арбитрарен начин ги прогласува за прашање на јавен интерес, што е незамисливо во едно демократско општество, каде за секоја владина мерка се води жестока дебата околу нејзината оправданост“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Според него, шесте милиони евра потрошени за само три месеци за огласување во медиумите претставуваат висок ризик за корупција, создавање услови за влијание врз уредувачката политика и како се третираат или не се третираат одредени теми во општеството.

Владата потрошила шест милиони евра за рекламирање во медиумите за три месеци

Анализата покажува дека Владата повеќе кампањи објавува во медиуми кои според начинот на известување се наклонети кон неа, а помалку во оние медиуми кои се критични кон неа.

Втор заклучок, е дека кампањите се реализираат на нетранспарентен начин и е нејасно врз кои критериуми се распределени средствата за реклами. Не постои соодветен систем и процедури во институциите преку кои ќе може брзо и едноставно да се добијат податоците за кампањите.

Според анализата поддржана од Германската и Француската амбасада во Скопје, не постојат механизми за отчетност и одговорност, за да се утврди дали јавните институции средствата ги користат на ефикасен начин.

„Не постои механизам кој гарантира дека кампањите служат на јавниот интерес на граѓаните, а не за партиско-политички цели. Ваквата состојба ја зголемува перцепцијата во јавноста дека овие пари се трошат со цел да се влијае на начинот на известување на медиумите. Затоа , ЗНМ смета дека Владата треба веднаш да прекине со објавување на владините кампањи во приватните медиумите затоа што таква интервенција на државата во финансирањето на медиумите нема во ниту една демократска земја“, изјави Селмани.

ЗНМ бара владините кампањи да се регулираат со посебен закон, во кој ќе се забрани јавни институции да трошат пари за политичка пропагнда во медиумите и јасно ќе се дефинира јавниот интерес на кампањите. Процесот на огласување да биде транспарентен и врз основа на јасни критериуми за распределба на кампањите.

Критики за влијанието на Владата врз уредувачката политика на медиумите преку рекламирање, се нотирани и во извештајот на Европската комисија, каде е истакнато дека – постои индиректна државна контрола врз медиумите преку владините реклами и фаворизирање на провладините медиуми.