Владата го раскинува договорот со „Казандол“ – Активистите одлуката ја нарекоа „Празник за југоистокот“

„Добра вест за жителите на Валандово, Богданци, Дојран, но и за жителите на цела Македонија“, вака синоќа портпаролот Миле Бошњаковски ја соопшти одлуката на Владата дека се исполнети условите за раскинување на договорот за експлоатација на минерални суровини на локалитетот „Казандол“.

„На денешната 58 седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за степен на изграденост на рударскиот комплекс „Казандол“ и го задолжи Министерството за економија во рок од 7 дена да изготви информација за исполнетост на условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот „Казандол “, кој ги опфаќа општините Валандово, Богданци и Дојран, и за одземање на Дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20.7.2015 година“, соопштија од Владата.

Активистите од иницијативата „Спас за Гевгелија“ ја поздравија одлуката преку својот Фејсбук профил, нарекувајќи ја „празник за југоистокот и за цела Македонија и празник за иднината на нашите деца и внуци“.

Граѓаните од југоисточниот дел на Македонија излегоа на повеќе протести против отворањето рудници, а минатата година против „Казандол“, „Иловица“ и евентуално отварање други рудници, жителите на засегнатите општини се изјаснуваа и на референдуми.

Гевгелија, Богданци и Дојран одржаа успешни референдуми, додека изјаснувањето во Валандово, Босилово и Ново Село пропадна поради тоа што на гласањето не излегоа повеќе од половина од запишаните гласачи во избирачкиот список.