Вишиот управен суд пресуди во корист на Правен факултет за случајот со избор на декан

Вишиот управен суд донесе пресуда во корист на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со која се потврдува пресудата на Управниот суд во врска со тужбата на најстариот правен факултет во земјава, а која се однесува на оспорената постапка за избор на декан од просветната инспекција, објави Академик.

Како што јавува медиумот, постапката за избор на декан на Правен факултет се проблематизираше откако државните просветни инспектори утврдија дека Наставно-научниот совет има донесено противправна одлука за започнување на постапка за избор на декан на факултетот. На 19 јуни 2015 година, професорот д-р Горан Коевски беше утврден како единствен кандидат за декан од Советот на факултетот и беше предложен за избор до ректорот,каде што „заглави“ самата постапка. Просветниот инспекторат при МОН ја прогласи за противправна и незаконска оваа одлука.

Сега, со добиената судска битка со инспекциските служби, се отвори патот за избор на декан, и се става крај на речиси двегодишната сага на Правниот факултет, бидејќи Судот утврди дека изборот на декан е спроведен во законска постапка. Судот практично пресече дека Правниот факултет можел автономно да спроведе постапка за избор на нов декан неколку месеци пред истекот на мандатот на стариот декан, професорот Борче Давитковски, кој си даде оставка. Со ова, останува на сила и одлуката на Наставно-научниот совет од 1 јуни 2015 година.

За дел од медиумите Давитковски потврди дека одлуката е испратена до ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.