Виктор Филиповски е добитник на „Златен Орикс“ за најдобар млад џез музичар

Qatar Airways во соработка со Skopje Jazz Festival доделува „Златен Орикс“ за најдобар млад џез музичар за 2017 година.
Комисијата од Скопскиот џез фестивал одлучи наградата оваа година да ја добие тапанарот Виктор Филиповски.

По тој повод, во кафе-барот Винил / Vinyl се организира коктел забава проследена со настап на квартетот составен од Тони Китановски (гитара), Кирил Кузманов (саксофон), Иван Бејков (бас) и Виктор Филиповски (тапани).

Виктор Филиповски е претставник на најмладата генерација џез креативци. Роден е во 1992 година во Скопје.

Од детски години свири традиционални перкусии и тапани во рок групи. Пресвртница настанува кога запишувајќи се на одделот за џез студии на штипскиот универзитет ќе го сретне својот ментор Александар Секуловски.

Во моментов е магистерски кандидат на истиот оддел но и најмлад инструктор на музичката академија и е вклучен во наставата по џез тапани.

Минативе четири години е најбараниот тапанар на македонската џез сцена. Постојан член е на составите Fierce и Тони Китановски трио, а настапувал и со Васил Хаџиманов бенд, Владимир Четкар, Едуардо Раон, Љубојна, Ѓорѓи Шаревски и Емин Џијан. Како член на состави зад себе има голем број настапи меѓу кои и на престижни фестивали како Java Jazz Festival, Jarasum Jazz Festival, LeCargo, Nisville Jazz Festival, Makedox и Opatija Film Festival.