[Видео] Втората вечер на ОФФест во ритамот на критичката мисла

Со свирчиња, концерт на сред сала и критика за политичарите и големите корпорации, Американецот Сол Вилијамс и португалско-анголскиот бенд Батида синоќа ја вжештија атмосферата на втората вечер од 15-тото издание на ОФФест, во Младинскиот културен центар. Присутните во ниту еден момент не престанаа да танцуваат на звуците на американскиот поет и португалскиот борец за демократија, со потекло од Ангола.

Саул Вилијамс

Вилијамс и понуди на публиката вистинско доживување со песните од својот нов албум „MartyrLoserKing“, кој претставува спој на слем поезија придружена со моќни електронски звуци. Бината беше премала за неговите стихови, па реши настапот за миг да го пресели меѓу публиката, пеејќи го неговиот нов хит „Burundi“, кој доби одличен прием меѓу присутните.

Карактеристичен за неговиот настап беше и мултимедијалниот пристап со фотографии на кои се најдоа неколку политички лидери и борци за човекови права, покриени со стихови од неговата поезија.

Батида, пак, со ритам кој потсетува на племенски ритуал и танц перформанс ја претстави борбата на активистите во Ангола против режимот во државата.

За време на настапот, главниот вокалист Педро Кокуенао покажуваше фотографии од лица на активисти кои завршиле во затвор поради нивната критичка мисла. На крај, тој им подели свирчиња на публиката, што за момент потсети на атмосферата од секојдневните протести.

Покрај нивните настапи, во рамки на фестивалот, во фоајето на МКЦ беше поставена изложба по повод 15 години ОФФест, со портрети од претходни изведувачи.

 IMG_20160529_010235

Вечерва, со почеток во 2о часот, во Кино Фросина ќе се прикажува документарниот филм „Who is Highlife?“, а од 22 часот во Денсинг салата ќе се одржи концертот на „Pat Thomas and Kwashibu Area Band” од Гана.