[Видео] Средношколски активизам за промени во средното образование

Пленумите од студентите и професорите се проширија и на средношколците и на наставниците. Иако во периодот што измина во јавноста доминираше активизмот на студентите и проблемите во високото образование, формирањето на Наставничкиот и Средношколскиот пленум повторно фрли акцент и на многубројните проблеми во средното образование.

Кои се барањата на двата пленуми? Зошто средношколците протестираат против полагањето математика како дел од државната матура? Кои се ефектите од екстерното оценување на учениците? Што се случува во средните училишта по завршувањето на штрајкот на СОНК и дали наставниците се задоволни од постигнатиот договор меѓу Министерството за образование и наука и синдикатот?

Ова се само мал дел од прашањата за кои се разговараше во дебата на Радио МОФ посветена на проблемите но и активизмот во средното образование.

Гости во Радио МОФ беа професорите од СЕПУГС „Арсени Јовков“ и членови на Наставничкиот Пленум, Енвер Ајдини и Жана Живадиновиќ, како и претставничката на Средношколски пленум, Сара Секуловска. Не добивме одговор на поканата на претставникот од Министерството за образование и наука за присуство на дебатата.

Професорите Жана Живадиновиќ и Енвер Ајдини истакнаа дека како членови на СОНК воопшто не се задоволни од договорот помеѓу синдикатот и Министерството за образование и наука, по кој се прекина штрајкот во образованието.

„Информацијата за прекин на штрајк ја добивме непосредно пред штрајкот. Немаме воопшто информации за што преговараше СОНК. Нашиот цврст став беше целосно прекин на наградите и казните за екстерното тестирање“, рече Живадиновиќ. Таа додаде дека сите наставници чекаат да дојде 15-ти март, за конечно МОН и СОНК да соопштат за резултатите од преговорите за казните од екстерното тестирање.

За притисоците врз наставниците за време на самиот штрајк, Ајдини истакна дека најголем притисок било воведување на законот за заменски наставници, со кој директно се влијаело да не се одржи штрајкот.

„Имаме сознанија дека имало и други закани“, додаде тој.

Ученичката од средното училиште „Орце Николов“, Сара Секуловска истакна дека и покрај тоа што знаеле дека часовите ќе треба да се одработуваат, тие сепак ги поддржуваат своите професори.

„Ние излеговме да ги поддржиме професорите свесни на последиците“, рече Секуловска.

Сепак, според професорите, последна порака од СОНК, е дека ниту за време на часови, ниту потоа, не треба да се одработуваат часовите изгубени за време на штрајк. Тие истакнаа дека членството во Наставнички пленум се зголемува и веќе имаат преку илјада членови.

„Наша морална одговорност е да застанеме во одбрана на образовниот систем во државата. Професорот/наставникот во денешно време работи под постојан страв и стрес“, рече Ајдини.

Професорите истакнаа дека е потребно целосно ревидирање на процесот на екстерното оценување, укинување на Академијата за наставници но и уште многу други конфузни мерки во образованието. Тие истакнаа дека не сакаат да се вмешуваат во активизмот на средношколците, но морално стојат позади нив.

Во врска со револтот на средношколците против задолжителното полагање математика како дел од државната матура, ученичката Сара Секуловска рече дека Средношколски Пленум засега не планира протести и бојкот на наставата, но сепак тоа не го исклучуваат како последна алтернатива, доколку не се исполнат нивните барања.