[Видео] Шарена револуција пред МРТВ: Време е да внесеме боја во медиумскиот мрак

Да се смени уредувачката политика на МРТВ, така што ќе стане медиум на народот, но и да се внеси светло во медиумскиот мрак кој трае со години, порачаа демонстрантите пред зградата на националната телевизија. Нејзината фасада, но и оградата на мостот „Слобода“ денеска беа обоени во боите на Шарената револуција.

Денешниот протест беше со фокус на партизираноста на медиумите, и поради тоа се пуштаа опозициските „бомби“, во кои се слуша како високи функционери на власта ја диктираат и се мешаат во работата на одредени медиуми. Од страната на новинарите, се обрати Тамара Чаусидис која рече дека младите новинари, вработени во МРТВ, се „жртви на режимот“, а МРТВ ја нарече МВР – Министерство за внатрешни работи.

„Веќе никој во оваа куќа не говори за јавниот интерес. Време е да го запалиме светлото, време е да внесеме боја во сивилото на оној режим кој од нас сака да направи мали човечиња што молчат и гласаат. Никогаш повеќе да не дозволиме сите институции што ги посетуваме и ги обојуваме, да се полнат со партиски послушници“, рече Чаусидис.

Вечерва, свое обраќање имаше и поранешниот претседател на Советот за радиодифузија Зоран Стефановски, кој го нагласи огромниот пад на медиумската слобода во Македонија, додека за МРТВ рече дека е „темна куќа на духови,  која е голем срам за целиот народ“.

„Во оваа куќа требаше да се објавуваат транспарентни, национални информации, кои ќе не известуваа за сите настани и случаи во државата, но што се случи? Тие криеја убиство, насилство, тие ни го украдоа 24 декември и 5 мај. Тие ги криеја ‘бомбите’, криминал и корупција. Тие ги криеја оние илјадници луѓе коишто 60 дена лежеа и живееја пред Влада, а на своите вести зборуваа за ланскиот снег. Срамота“, рече Стефановски, според кој, уредувачката политика на МРТВ мора да се промени, за да стане народен медиум.

Демонстрантите им подарија цвеќиња на полицијата, за да им го честитаат Денот на полицијата, повикувајќи ги да им се приклучат во, како што велат, борбата против режимот. Настап одржа и „Белизе бенд“, составен од пејачката Ана Костовска и актерката Ирена Ристиќ, кои ги отпеаја саркастичните песни „Долга рака“ и „Жмровска Македонија“.

На крајот од протестот дојде до мал инцидент, кога дел од демонстрантите извикуваа „Кодоши“, бидејќи забележаа како лице без новинарска легитимација ги снима директно оние кои фрлаа со боја кон МРТВ. Тие сметаа дека станува збор за полицаец.

Протестите во Скопје се одвиваат веќе четири недели. Демонстрантите најавија дека и во наредните денови ќе продолжат со собирите пред просториите на Специјалното јавно обвинителство, во 18 часот. Нивните барањата остануваат, а тоа се: повлекување на одлуката за аболиција донесена од претседателот Ѓорге Иванов, негова оставка, како и одложување на распишаните предвремени парламентарни избори за 5 јуни.

Покрај во Скопје,  протести организирани од неформалното движење „Протестирам“ се одржаа и во Кичево, Кочани, Струмица и Битола.