[Видео] Серија земјотреси ја погодија Италија, нема починати

Два силни и серија послаби земјотреси вчера во вечерните часови ја потресоа Италија. Првиот силен земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтерова скалa беше источно од Перуџа, на длабочина од девет километри под површината на земјата. Два часа по првиот земјотрес, на истото место имаше и втор со јачина од 6,1 степени кај Вишо, на 170 километри североисточно од Рим, на длабочина од 10 километри.

Неколку повредени лица биле пренесени со амбулантни возила во итни оддели на болници во регионот, а неколку десетици луѓе заминале сами да побараат лекарска помош поради повреди.

Голем број куќи беа урнати во планинското место Усита, изјави локалниот градоначалник. Голем дел од жителите ноќта ја поминаа на отворено, надвор од своите домови, а по потресот имаше недостиг од електрична енергија.

„Сакам да им се заблагодарам на тие што работат на дождот во зоните погодени од земјотресот. Цела Италија ги прегрнува силно луѓето кои повторно настрадаа“, напиша синоќа на „Твитер“, италијанскиот премиер Матео Ренци.

Земјотресите се случија на околу 70 километри оддалеченост од градот Аматриче, кој целосно беше уништен во потресот што се случи во август годинава и во кој животот го загубија речиси 300 луѓе.