[Видео] „Само јако“ – хит партија на српската политичка сцена

Движењето „Само јако“, кое го води 25-годишен, измислен лик од српскиот град Младеновац, Љубиша Прелетачевиќ – Бели, освои нешто над 21 процент од гласовите на локалните избори во Младеновац, со што е втора партија според резултатот, веднаш зад владејачката Српска напредна странка. Движењето на Бели, основано од партијата „Сарму пробао ниси“ (СПН), како пародија на српската политичка сцена, освои над 5 000 гласови и 13 советнички места во Градскиот совет.

Промотивниот спот на „Само јако“ во предизборната кампања:

Бели и неговиот помошник, Небојша Прилепак, ја основале партијата пред само 38 дена, а кампањата им се состоеше од низа духовити ветувања, како проектот „Младеновац на кал“. Двајцата млади политичари ветуваат и дека ќе донесат море во градот, со уфрлање 600 кубни метри сол во блиското вештачко езеро.

Откако пред неколку дена го остварија неверојатниот резултат на изборите, Бели и Прилепак, кои ќе влезат во Советот под нивните вистински имиња – Лука Максимовиќ и Стефан Гајиќ, изјавија дека би влегле во коалиција со владејачката партија на Александар Вучиќ, но само за надомест од 750 милиони евра.

„Јас сакам да се обогатам од политиката. Мене ме интересираат парите, ништо друго не ме интересира. Како советник ќе работам се што ќе каже Љубиша, ништо освен тоа. Овие политичари, кои се на сцената веќе 20 години, ме гледаат како еден од нив. Од мене само можат да научат дека јас, за разлика од нив, сум искрен и транспарентен“, вели потпретседателот на движењето, „приврзокот“ на лидерот, Небојша Прилепак.

Погледнете ги и другите столбови на политичката понуда на нивниот канал на Јутјуб