[Видео] Македонски турист и локалец во Холандија зборуваат на 21 јазик

Ваутер Кордувенер е лингвист и полиглот од Холандија, кој неодамна ја имал можноста да запознае уште една, ретка личност како него – Македонецот Зоран Радически.

Во 12-минутното видео кое Холанѓанецот во изминатиов месец го објавил на својот Јутјуб канал, двајцата хиперполиглоти во само 12 минути разговараат на 15 јазици кои и двајцата ги знаат и без проблем преминуваат од еден јазик на друг. Откако „им се трошат“ заедничките јазици, Кордувенер продолжува да му поставува на Радически прашања на англиски, кои тој ги одговара на уште шест различни јазици.

Во уникатниот дијалог е искористен вкупно 21 јазик, меѓу кои и мандарински, тајландски, хебрејски, арапски и талагог.

Инаку, Радически зборува 35 јазици кои се говорат на сите континенти низ светот, а особено впечатливо е што ги совладува и различните дијалекти на многу од јазиците кои ги знае.