[Видео интервју] Peter Sunde: Ова што го правиме со интернетот е сосема погрешно

Хакер, активист, борец за слобода на интернет, ко-основач на The Pirate Bay, Peter Sunde Kolmisoppi годинава беше еден од говорниците на четврто издание на конференцијата за друштвен активизам „Engage“. Во видео интервјуто за Радио МОФ тој зборува за загрозувањето на приватноста на интернет, за идеологијата на „пиратите“, но и за искуството во затворот, иднината на торентите, балканските предизвици.

Вие сте поранешен портпарол на Тhe Pirate Bay, ко-основач на Flattr, првиот вистински сервис за микроплаќања (микродонации) и Heml.is Messenger, но и интернет активист.  Kолку е важен интернет активизмот, oд каде интересот за оваа сфера?

Почнав со компјутери уште како дете и некако сфатив дека учењето, копирањето на работите и комуникацијата со луѓето беа многу важни за мене. Додека растев гледав како луѓето постојано велат дека мора да се ставаат граници, да се цензурира, контролира и дека мора да направиме пазар за тие нешта. Така увидов дека тоа нема да биде добро за следните генерации. Ова почна кога видов дека се оттргнуваме од сите стари платформи како што се телевизијата, радиото, и се префрламе на интернет. Дојдов до заклучок дека интернетот ќе биде основниот вид на комуникација, дека тоа ќе биде единствената таква платформа. Доколку ја контролираме платформата, го контролираме и човечкиот ум и сите работи, така што треба да бидеме сигурни дека ова е фер платформа и фер систем. Секогаш имало дискусија околу отвореноста, дали ќе имаме иста слобода и пристап. Ова што го правиме е погрешно, сосема погрешно. Многу важно е да има луѓе кои се грижат за оваа тема, кои работат за слободата што ни е потребна. Но, повеќе од луѓето на некој начин се откажуваат, стануваат наивни и мислат дека е добро ова што ни се случува.

Поминавте шест месеци во затвор поради, како што велите, својата кауза. Како влијаеше на вас ова искуство, ве замолкна или направи гневен на системот?

Не сум гневен на системот, туку сум загрижен поради него. Одењето во затвор ми ја покажа другата страна на шведското општество, една пониска социјална класа за која не се грижи никој во тој систем. Дознав за уште еден зезнат систем, што пак ми ги отвори очите, мислам дека е добро за луѓето, посебно од привилeгираните земји како скандинавските, да разберат што се случува со оние за кои никој не се грижи. Има прекршувања на човечките права секој ден, кон сите луѓе внатре. Тоа е истата работа, истите аргументи, како со интернетот така и со затворот. Создаваме еден систем каде има ниска и привилегирана класа. Мислам дека затворот само ми ги зацврсти убедувањата и воопшто не ми ги промени ставовите.

Вие сте еден од основачите на Тhe Pirate Bay (TPB). Која беше главната идеја пред 12 години, и како се чувствувате сега кога го гледате TPB?

Тогаш немаше некои големи планови, би сакал да можев да кажам дека имаше некаков мастер план, некаква филозофија. Но, немаше. Тоа беше само една игра со технологијата. Кога го започнавме TPB секој користеше различна технологија и тоа беше многу лошо и за приватноста и за квалитетот. Сите други, постари системи бараа постоечки информации за луѓето, а TPB и торентите дозволуваа да не оставаш ништо, а да се приклучиш на мрежата. Бевме многу поефикасни во начинот на споделување и сакавме луѓето да се придвижат од старата кон новата технологија и да го разберат тоа. Си игравме. Потоа се стана многу поголемо од она на што помислувавме. Денеска пак TPB се движи против идеалите на основачите, како што беа забавата и обидот да се насочат луѓето и да ги разберат новите технологии. Стана структура сама за себе и тоа е, како што во технологијата се нарекува, точка на неуспехот, каде што имаш еден систем на кој сите се потпираат, а кога сето тоа исчезне останува голема празнина која што треба да ја пополниш со нешто. Ние дискутиравме на оваа тема со години, за тоа колку долго ќе опстојува TBB и одлучивме на 10-тиот роденден да го затвориме. Од некои причини тоа не се случи и на некој начин сум исплашен од тоа што TPB е се уште тука, затоа што ако навистина верувате во идејата на основачите, ќе се осигурате дека ќе ја има најновата, последна и најдобра технологија…Сега имам чувство дека TPB стана институција која не му помага многу на интернетот.

Кој раководи со TPB сега, ќе биде ли тешко да се заштити системот од шведската полиција, власта, корпорациите?

Јас навистина не знам и не сакам да знам. На некој начин се откажав од TPB и не сакам да бидам вмешан, дури сум вознемирен што се уште постои. Единственото нешто што би го направил, кога би бил инволвиран,  е да го затворам и да се надевам дека ќе се роди нешто подобро. Затворањето е многу тешко, би рекол дури и невозможно. Еднинственото нешто што може да го направат е да ги заплашат интернет провајдерите, кои се уште се противат. На некој начин тоа е добро бидејќи може да се конектираш во различни држави, има многу интернет провајдери кои имаат добро срце, кои сакаат нешто добро… Проблемот е што ги централизираме работите, па во иднина може да се случи да останат само неколку интернет провајдери кои ќе работат заедно и ќе се согласат да бидат затворени овие системи, за да почнат со цензурата.

Има ли иднина за TPB и другите системи за бесплатно споделување фајлови на интернет?

Јас мислам дека ние ги омаловажуваме овие нешта и треба да се бориме за тие слободи. Јас сум навистина сум исплашен од тоа што ќе се случува во иднина и сум прилично убеден дека се ќе централизираме. Така на пример Фејсбук го направи невозможно линкувањето од TPB. Таму веќе има цензура, но луѓето не престанаа да го користат Фејсбук иако има многу цензура. Тоа е проблемот, не е само владата таа што цензурира, туку и приватните ентитети кои имаат голема моќ. Затоа сметам дека не треба да сме исплашени само од законот и регулацијата, туку и од недостатокот од нив. Ние немаме човечки права на интернет, освен можеби во Финска која е единствената држава за која знам дека направи некоја врста на дефиниција за тоа што е интернетот. Но, ние мора да бидеме сигурни дека нашата приватност и слобода се регулирани за наше добро, бидејќи сега наместо придобивки од законот,  се регулираат само ограничувањата, поставуваме нови забрани. Ние самите им помагаме на тие компании и држави да го прават тоа, како што користењето на Фејсбук ве тера да се согласите дека неговото користење е погрешно. За мене тоа е најголема диктатура во светот, каде имаме милијарда и пол жители коишто најголем дел од своето време го поминуваат на Фејсбук, а Марк Цукерберг е диктаторот во тој систем кој одлучува за регулацијата, за казните,  тој може да ве исфрли од системот, па не ќе можете да имате социјален живот…Тоа ме плаши повеќе од она што би можеле ЕУ, САД или ОН да го смислат во однос на контролата и регулирањето на интернетот.

Постои безбедна социјална мрежа која би ја препорачале?

Не постои, тоа е проблемот. Се што може да ви текне во врска со технологијата нема да биде важно, исто како што TPB никогаш не беше најдобра технологија и не беше најдобра платформа, а луѓето ја користеа само поради тоа што беше најпозната. Дури и ако започнам нешто што е многу подобро од Фејсбук,  ништо нема да се промени затоа што луѓето веќе се на ФБ. И во тоа е моќта. Истото е и со Твитер, не можеш да направиш конкурент на Твитер бидејќи никој нема оттаму да си замине. Единствената работа, што би можела да биде поуспешна, е државите, можеби преку ОН, ЕУ, да ги регулираат компаниите и нивната моќ, да ве осигураат дека податоците што ги ставате на ФБ се ваши и дека компанијата не може да ги зачува, но и да се осигурате дека има отворени стандарди за комуникација меѓу ФБ  и останатите социјални медуми. Тоа во основа не зависи од технологија, туку е поврзано со моќта на општеството да ги регулира нашите сопствени слободи.

[Видео] Peter Sunde: Ова што го правиме со интернетот е сосема погрешноНа вашиот блог напишавте дека „пиратското движење“ е мртво, но што се случува со идеологијата на движењето?

„Пиратското движење“ во основа беше детско, но се уште e валидно. Не би го нарекол ни движење, иако  многу луѓе беа опседнати со таа идеја. Тоа беше многу добро, но требаше да еволуира во однос на демократијата и општеството. За мене проблемот е тоа што имаме многу технологии што почнуваат да го диктираат изгледот на светот, но сите се во рацете на привилегираните. Ако се споредиме со остатокот од светот, ние имаме нов вид елитна класа која ќе управува со светот, која мисли дека се добри луѓе и можеби се, но не ја гледаат големата слика. Луѓето не сфаќаат дека имаат голема моќ која можат да ја искористат на поинаков начин. Всушност посакувам дебата за „пиратите“ да се води во однос на оваа голема слика.

„The Pirate party“ има свој претставник во парламентот на ЕУ. Дали можат активизмот и политиката да одат рака под рака кога станува збор за заштита на слободата на интернет? 

Активизмот се развива поради глобализација која има голема централна моќ. Тоа не е фер борба. Кога одите во ЕУ парламентот има илјадници регистрирани лобисти, а само малку од нив работат за добрите каузи во општеството. Мислам дека иако активизмот расте сепак не е доволно. Треба активни да бидат многу повеќе од луѓето, па да минат од активизам во политика, која е навистина досадна работа Да се биде активист е забавно затоа што има енергија, се прават краткорочни нешта и се надевате на долгорочни резултати. Но, во политиката се работи главно на долгорочни резултати и тоа е алката што недостасува. Иако не мислам дека парламентарниот систем е најдобрата форма, сметам дека треба многу да се работи во рамки на парламентарниот систем, во обид да постигнеме нешто. Има многу малку луѓе што го прават тоа, но мислам дека така ќе бидеме многу поуспешни.

Имате многу пријатели и соработници на Балканот каде луѓето секојдневно користат торенти. Какви се вашите ставови за состојбата со интернетот овде?

Знам по нешто за Словенија и Србија и мислам дека сте во реон каде се уште не сте регулирани, не сте цензурирани, ги нема тие монитори, се уште нема луѓе кои ве шпионираат, но одите во тој правец. Вие сте во подобра позиција од многу западни земји и се уште може да ја започнете борбата и да направите агенда. Затоа се надевам дека овде луѓето ќе почнат да го прават тоа, како моите пријатели од Србија од „Share“ конференцијата кои се фокусираат на овие теми. Мислам дека имате храброст да бидете првата група што ќе почне да зборува и мислам дека повеќето земји треба да го направат истото. Потоа можеби и западот ќе ве следи, кога ќе ги согледаат добрите работи кои ќе излегуваат од овде.

Ова е еден вид класен систем, но дигитализацијата и интернетот сега даваат можност сите да имаат имаат пристап кон истото, бидејќи нема дополнителни трошоци. Затоа треба да се осигурате дека ништо лошо нема да се случи, а јас мислам дека ќе се случи кога ќе има доволно пари во овој регион. Тоа е и најголемата причина зошто вие не сте под влијание на сите тие закони, богатите компании не се грижат да дојдат овде бидејќи вие немате пари да ги купувате нивните производи. Но кога би имале пари, а ќе имате, мислам дека нештата одат натаму, тогаш ќе имате проблеми. Затоа подобро решете ги овие работи сега, за потоа да не биде предоцна.

Во неколку интервјуа велите дека сте веган. Дали на ова гледате како на еден вид активизам, или како начин на исхрана за подобро здравје?

Не разбирам зошто треба да се јадат животни, нелогично ми е, физички не гледам причина зошто би јадел животни, всушност јадењето месо е лошо за здравјето. Месната индустрија е ужасна, животните се третираат лошо, да растеш некого за да го убиеш е модерно ропство. Мислам дека еволуиравме од луѓе ловци кон тоа да бидеме во позиција кога можеме да направиме нешто навистина подобро. Истото се однесува и за правата на жените, нешто во што сум многу активен, на феминизмот… Сакам фер општество.

Ко-основач сте на Flattr и Heml.is, работите на неколку технолошки стартапи, се интересирате за уметност. Што може следно да се очекува од Peter Sunde?

Имам многу планови, тоа е проблем. Разговарав со некои ТВ станици за два телевизиски проекти.  Работам и на многу уметнички проекти. Тие се спој на уметност, технологија и политика, што мислим дека е интересна сфера и можам да правам што сакам. Тоа е всушност она што го правам изминатите години, претходно работев многу со различни групи луѓе и се обидував да работам демократски. На некој начин веќе сум изморен, многу луѓе не ги сакаат истите работи. Затоа ќе бидам понезависен и ќе правам повеќе работи самостојно. Тоа е застрашувачко, но е позабавно и можеш да правиш што сакаш. Исто така мислам дека е важно да ги погледнете овие идеолошки теми во различен контекст па јас сум често канет на различни уметнички фестивали каде се обидувам да ја објаснам технологијата, да се зборуваа за неа, за нешто што навистина се случува во европскиот уметнички свет.

Ако можеш да сонуваш, како според тебе би изгледал идеалниот интернет свет?

Секој би бил конектиран, секој би имал слободен, бесплатен интернет кој не е цензуриран и следен. Но тоа нема никогаш да се случи и затоа може да сонуваме колку што сакаме, но за жал, нема да се случи.

Јасмина Јакимова