[Видео] Граѓаните до политичарите: Ги трошите нашите пари на глупости, а вашите деца дишат смрдлив воздух

На граѓаните веќе им е преку глава од ветувања, сакаат конкретна акција за намалување на загадувањето, порачаа оние кои беа собрани на вечерашниот протест во Градски парк. Тие се револтирани бидејќи како што велат, од минатогодишните, до денешните протести, скоро ништо не се променило.

Според податоците на Светска банка, во просек, четири луѓе во државата дневно умираат поради загадувањето на воздухот, а 1350 на годишно ниво. Овие бројки вечерва ги повторија и неколкуте граѓански иницијативи и здруженија што го организираа протестот. Тие добија поддршка и од тетовската „Еко герила“ и граѓаните исклучени од системот за парно греење.

Граѓаните се собраа и пред бараките на Град Скопје

„Дајте ни го човековото право на чист воздух, за живот се работи, не сакаме да се разболиме од рак, не сакаме да умреме од загаден воздух“, гласи пораката која им ја упати Елена Георгиевска на политичарите.

Таа како претставник на иницијативата „Скопје смог аларм“ рече дека институциите ниту ги удостоиле со некаков одговор по минатогодишните протести, а ниту пак сега донесуваат конечни решенија за проблемот со аерозагадувањето во Скопје. Георгиевска истакна дека народот повеќе не сака да биде манипулиран.

На ова се надоврза и Блаже Јосифовски, од „Ајде Македонија“ кој рече дека е крајно време граѓаните да се изјаснат и да кажат што точно им треба.

„Во Европа не смее да има загаден воздух повеќе од пет дена, а ние имаме најголемо аерозагадување од канцерогените ПМ честички во Европа. Тука повеќе од 300 денови воздухот е загаден, со 19 пати повеќе ПМ честички од дозволеното. Страдаат најмногу децата“, рече тој за време на своето обраќање.

„Џабе само пари земаат и ја задолжуваат државата, граѓаните тонат во неправда, тонат во негрижа, во нечистотија и загадување. Живеам во Кисела вода, каде се уште нема велосипедска патека“, го надополни претставникот на граѓаните кои со месеци веќе протестираат бидејќи се исклучени од системот за парно греење.

Најинспиративен дел од целиот протест беше говорот на Лазар Ѓуров, кој со целиот свој гнев кон институциите и апатичните граѓани, рече:

„Да ви честитам што без разлика на вашите обврски најдовте време да дојдете и да кажете дека сакате децата на оваа држава и на овој град да бидат здрави, а не да умираат. Сакам да ви честитам на сите што дојдовте овде, а воедно да ги прашам тие што не се тука – Зошто не се тука? Клучното прашање е зошто не се тука. Ова не е партиски собир, ова се прекрасни млади луѓе коишто сакаат да живеат во чиста средина, прашањето е зошто на митинзите има толку многу луѓе, а на ова на коешто се собираме, за да биде чисто, за да живееме здраво, нема никој.

Да ги прашам политичарите, имате ли бре деца? Ги сакате ли, нормални ли сте вие? Ги трошите нашите пари на глупости, а вашите деца дишат од овој смрдлив воздух. Разбирам да сакате пари, разбирам да сакате да живеете раскошно, но дали сте нормални? Вашите деца дишат од овој воздух. Четири деца умираат дневно, тоа може да биде и твоето дете“, рече Ѓуров, по што доби силен аплуз од насобраните граѓани.

Претходно, во изјава за Радио МОФ, од еколошката организација „Еко Герила“ кажаа дека загадениот воздух и животната средина немаат граници. Ако Скопје е загадено, тогаш и Тетово ќе биде загадено.

„Ние се приклучивме на овој протест да ги поддржиме скопјани, бидејќи нивно човечко и законско право, но и на сите граѓани на Република Македонија, е да имаат чиста животна средина. Тоа го гарантира Уставот, а сепак власта не го овозможува. Затоа сме тука да ги поддржиме тука и да испратиме барање до власта за решавање на овој проблем“, рече Аријанит Џафери.

[ФОТО] Скопјани со протест бараат мерки, а не ветувања против загадувањето

Новинарката Менче Точи, која најголем дел од својата кариера ја посвети на здравството, рече дека потребно е да се преземе нешто додека не е предоцна.

„Да не дозволиме да станеме град на живи духови, да не дозволиме низ државата луѓе да умираат од рак на бели дробови, мозочни удари, децата да се гушат од астматични напади. Да ги натераме институциите да преземат мерки, контроли на малите индустриски капацитети, но и сите ние да ја зголемиме својата одговорност“, подвлече таа.

Протестот заврши пред бараките на Град Скопје, каде граѓаните ги оставија пораките упатени до властите.