[Видео] Дебата: Средношколски протести – права, прититисоци и уцени

Флаери и плакати со навредливи содржини, уцени од училишните раководства , заклучени врати се само дел од притисоците со кои се соочуваат средношколците во екот на средношколските протести против новиот концепт на државната матура и екстерното тестирање.

Од каде доаѓаат притисоците и како да се одговори на нив, кои се правата на средношколците, но и како реагираат институциите на јавните шикарања и негативните кампања се прашањата на кои се дискутираше во денешната дебата на Радио МОФ „ Средношколски протести – права, прититисоци и уцени“ со заменичката на народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа, Теано Кардула и Калина Трајаноска од Средношколски пленум и Антонио Даниловски од Младинскиот образовен форум.

Калина Трајаноска од Средношколски пленум посочи дека има притисоци, а поставувањето на навредливите плакати смета дека се прави со цел да се оттргне вниманието од целите на Пленумот и да се внесе страв меѓу средношколците.

„Сите негативни кампањи имаат контраефект. Прават да бидеме погласни и посолидарни“, истакна Трајаноска и ги повика своите соученици да излезат и да веруваат во својата цел.

Ученичката Теано Кардула пак најави дека деновиве ќе треба да се договори средба со заменик-министерот Спиро Ристовски за средношколските барања и посочи дека заедно со родителите се обратила до МВР и до Народниот правобранител за плакатите на кои во навредлив контекст се споменива нејзиното име.

Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа побара од средношколците почесто да пишуваат претставки кога се прекршени нивните права,  но забележа и дека тие недоволно ги познаваат.

„ За затворените врати слушаме сега од вас, треба да ни се достават конкретни податоци“, побара Бајрамовска Мустафа запрашана за притисоците и затворените врати во училиштата на кои наидоа дел од средношколците додека траеше денешниот марш во Скопје.

Народен правобранител Васка Бајрамовска Мустафа – За да може да реагира народниот правобранител потребно е да се поднесе преставка Кај нас според законот може да се обрати самото дете или во негово име родителот

Антонио Даниловски од Младинскиот образовен форум истакна дека протестот е неприкосновано право загарантирано со Уставот. Тој смета дека со зголемување на бројката на средношколците, притисоците ќе се намалуваат.

„Секој ден имаме информации за притисоците од повеќе градови, од бркање на родителите од работа до примање мито“, посочи тој.

Од средношколски пленум најавја дека е можен генерален марш доколку не се исполнат нивните барања.