[Видео] David Grohl од Foo Fighters одговори на поканата: „Доаѓаме, ветувам“

Видеото на кое илјада музичари од италијанскиот град Чезена ја изведоа песната Learn to Fly на групата Foo Fighters како покана да дојдат и да имаат настап, доби одговор на италијански од фронтменот на групата David Grohl:

„Здраво Чезена, овде Davide. Се извинувам што не знам италијански, само малку. Видеото е прекрасно, и вие сте прекрасни. Ви благодарам многу. Ние доаѓаме, ветувам. Ќе се видиме наскоро. Ве сакам. Чао.“

За само еден ден, видеото достигна 4 милиони прегледи на Youtube. Групата подоцна го сподели видеото и на својата официјална Фејсбук страница, а неколку часа потоа беше напишано „Се гледаме наскоро Чезена“.

Организатор на оваа изведба е Fabio Zaffagnini, жител од Чезена кој во изјава соопшти дека за да ја оствари идејата му била потребна цела година. Во видеото беа вклучени 250 пејачи, 350 гитари, 150 басисти, 250 тапанари и еден диригент.