[Видео] 20 најдобри песни за протести

Британскиот политички магазин The New Statesman пред неколку години направи анкета меѓу своите читатели и членовите на Асоцијацијата за политички студии, кои ги бираа 20-те најдобри песни со политички мотиви или песни што  изразуваат ставови на протест против естаблишментот.

На листата има песни од широк музички спектар – од панк нихилизам до фолк-ставовите на Вуди Гатри. Интересно е тоа што во овие песни има само една напишана и изведена во последните 25 години.

  1. Woody Guthrie – „This Land Is Your Land“

Американскиот фолк-херој со социјалистички идеали Woody Guthrie ја отпеал оваа песна во 40-те, но нејзините патриотско-хуманистички, дури и социјалистички мотиви ја поттикнаа генерацијата на Боб Дилан да ја прифати песната како своја неофицијална химна, што дури доведе и до барања таа да се прогласи за химна на САД.

2. The Special AKA – „Free Nelson Mandela“

Во 80-те, теророт, расната сегрегација и дискриминација што ги спроведуваше владата на Јужноафриканската република го подигнаа светот во поддршка за народот на оваа земја. Лидерот на отпорот, Нелсон Мандела, помина 27 години во затвор. Додека беше затворен, оваа песна ги повикуваше светските лидери да ја запрат јужноафриканската неправда.

 

3.  Bob Dylan – „The Times they are a-Changin“

Големиот сонувач и поет, Боб Дилан, смислено ја напишал оваа безвременска песна за промените, засновајќи ја врз ирските и шкотските балади. „Движењето за граѓански права и фолк-движењето беа блиски едно време и многу соработувавме“, изјавил Дилан во 1985.

4.  Billie Holiday – „Strange Fruit“

Една од најпознатите песни за протест против расизмот, отпеана од џез дивата Били Холидеј во 1939 година.

5. Claude de Lisle – „La Marseillaise

Француската национална химна, „Марселезата“ ја напишал Клод Жозеф Руже де Лил во 1792 година, а таа се смета за симбол на побуната на народот и на Француската револуција

6.  U2 – „Sunday Bloody Sunday“

Една од најполитичките песни на U2 – во неа се зборува за инцидентот „Крвава недела“ во северноирскиот град Дери во 1972 година, во кој британската полиција убила 26 невини цивили-демонстранти.

7. „Интернационала

Широко распространетата левичарска химна, преведена на десетици јазици, е напишана во 1871 година, а мелодијата првпат се појавува во 1888. Таа извесно време била и химна на Советскиот сојуз.

8. Robert Wyatt – „Shipbuilding“

Во 1982 година, за време на краткотрајната војна меѓу Велика Британија и Аргентина околу Фолкландските острови, во некои бродоградителски области од Англија, кои претходно биле економски уништени, повторно се вратила благосостојбата. Луѓето се вратиле на работа и граделе бродови за воената морнарица, но во исто време ги испраќале своите синови да гинат за нивната земја во далечниот конфликт. За овој контраст зборува песната, која овде ја слушаме во изведба на Robert Wyatt:

9. Sex Pistols – „God Save the Queen“

Легендарниот крик на протест против односот на британската влада кон работниците е напишана во 1977. Кога се појавила, заедно со контроверзниот плакат и провокативниот текст, националниот сервис ББЦ одбил да ја пушта, но таа брзо стигнала до второто место на официјалната британска топ листа. Според некои тврдења, некој намерно не дозволил „God Save the Queen“ да стигне до првото место.

10.  William Blake – „Jerusalem“

Поетот ја напишал песната во 1808, како побуна против индустријализацијата и брзиот капиталистички развој кој се потпира врз експлоатација на работниците.

11. The Who – „Won’t Get Fooled Again“

Сметана за еден од најсилните антивоени химни, оваа песна е меѓу најпознатите хитови на групата, која често ја изведува на крајот на концертите.

12.  Rage Against the Machine – Killing in the Name 

Гневната тирада против „болестите на американското општество“, расизмот и полициската бруталност, во својата нецензурирана верзија го содржи зборот „fuck“ 17 пати. Ова е единствената песна на оваа листа издадена во последните 25 години (1992).

13.  Tracy Chapman – „Talkin’ ’bout a Revolution“

На својот карактеристичен, непретенциозен, а директен јазик, Чепмен пее за промените и борбата за слобода, за сиромашните луѓе кои ќе се кренат и ќе си го вратат достоинството.

14. Nina Simone – Mississippi Goddam

Нина Симоун не беше само музичар, туку и жестока активистка за човекови права, активна најмногу против расизмот во Америка. Во оваа нејзина песна се осудуваат бруталните напади врз црните луѓе на американскиот Југ, меѓу кои бил и бомбашкиот напад врз црква во Алабама во 1963 година, во кој биле убиени четири деца.

15. Marvin Gaye – „What’s Going On?“ 

Оригиналната верзија на оваа песна била инспирирана од инцидент со полициско насилство, но таа потоа се претворила во бунт против многу лоши состојби на модерното време – од еколошките проблеми, до злоупотребите на политичарите.

16. Gill Scott-Heron – The Revolution Will Not Be Televised

Уште една позната химна против естаблишментот, во чиј текст се спомнуваат низа популарни американски потрошувачки брендови од почетокот на 70-те, како пример за тоа „што нема да биде“ револуцијата.

17. Bob Marley – „Redemption Song“

Една од 500-те најголеми песни на сите времиња, според списанието „Rolling Stone“, „Redemption Song“ се смета за најважното дело на Боб Марли. Таа веројатно е и првата химна на движењето против глобализацијата.

. 18. John Lennon – „Imagine“

Цели 45 години, генерации луѓе низ светот мечтаат за свет ослободен од рамките на национализмот и религијата, а низ мечтите ги води оваа песна на големиот Џон Ленон.

19.  Pete Seeger – „Where Have All the Flowers Gone“

Фолк-трубадурот Пит Зигер ја напишал оваа левичарска, антивоена песна во 1955 година. Таа има многу верзии, на повеќе од дваесет јазици.

20. Tom Robinson – „Glad to be Gay“

Односот на британската полиција кон хомосексуалците е тема на оваа песна, која е една од првите активистички химни за геј права во историјата.