Весна Радојевиќ, уредничка на српскиот „Вистиномер“: Не нарекуваат „хејтери“ и „странски платеници“

Од финансиски аспект, ние сме непрофитна организација и властите не можат да не уценуваат. Имаме донации од странство, па со тоа сме окарактеризирани како „странски платеници“ и „шпиони“. Но, затоа имаме притисок кога во прашање е комуникација меѓу нас и државната администрација. Комплетно не игнорираат. За нив не постоиме. До информациите доаѓаме по други канали, тоа е дел од новинарството. Исто така, кога одите на прес-конференција, голема е шансата премиерот да ве окарактеризира како „хејтер“, како човек кој „не е патриот“, кој е „лош човек и новинар“. Сето ова е во склоп на нашата професија, вели Весна Радојевиќ, уредничка на српскиот „Вистиномер“ (istinomer.rs).

Овој портал е граѓанско-активистичкo-медиумски проект. Го уредуваат тим на новинари, политички аналитичари, разни експерти и граѓани, а неговото мото е „Да не се лажеме“. Функционира слично како и македонскиот vistinomer.mk, босанскиот istinomjer.ba итн.

Радојевиќ вели дека во Србија има голем проблем бидејќи постојат многу провладини медиуми, кои препишуваат единствено она што го зборуваат министерите и премиерот, и тоа го пласираат на граѓаните. Истовремено, многу малку медиуми на критички начин размислуваат на работите што ги прават политичарите. „Вистиномер“ е еден од оние медиуми кои критички ги опсервираат властите, односно обработуваат сето она што го изјавуваат функционерите, проверуваат и анализираат дали е тоа вистинито, доследно и дали ветувањата пред избирачите се исполнети.

„Ги проверуваме информациите кои се пласираат до јавноста, дали се тоа лажни вести, кои се доста актуелна тема во нашиот, а мислам и во вашиот јавен простор. Важно е што повеќе луѓе и медиумите се вклучуваат во fact checking (проверка на фактите), а со цел да јавноста да и се пружат точни и благовремени информации за активностите на властите. Тоа е нашата работа. Да работиме за јавниот интерес, да бидеме професионални и да ги почитуваме сите кодекси и закони, презентирајќи на граѓаните вистинските информации“, потенцира Радојевиќ, која беше дел од меѓународната конференција „Е-општество“ организирана од Метаморфозис.

Според неа, пропагандата општо е преземена од медиумите кои се провладини. Кога имате премиери кои велат дека „претходната година вработивме 150.000 луѓе“ или „инвеститорите дојдоа и вработија 150.000 луѓе“, тоа, вели таа, за обичниот свет кој седи дома е „одлично изработено“ и  „150.000 е одлична бројка“.

„Но, ние потоа доаѓаме на работа и со алатки и преку ’Гугл’, што е доста едноставно, ја проверуваме информацијата. И нормално произлегува дека тоа не е вистина, бидејќи, да речеме, можеби 150.000 луѓе се споменати, меѓутоа реализирани се 19.000, што е многу помала бројка. Токму во тоа е нашата моќ – да предочиме на луѓето што е вистина, а што лага. Во тој случај, тие (политичарите н.з) нормално се лутат. Зад пропагандата очигледно стојат доста пари и моќ, и ние треба да се оттргнеме од тоа“, забележува уредничката на српскиот „Вистиномер“.

Во време на Доналд Трамп, на Брегзит, кога не дочекуваат такви изненадувања, потенцира дека се повеќе е важно да се грижиме за вистината, зошто смета живееме во време кога фактите не се важни.

„Можете да замислите, politifact (своевиден американски „вистиномер“) го оценуваше Трамп во кампањата и покажа дека 70 отсто од неговите изјави се невистинити. И тој човек ги доби изборите. На граѓаните, за жал, повеќе не им се важни фактите, туку емоциите. Медиумите мора да се спротистават на тоа“, напоменува Радојевиќ.

Во однос на извештаите на Freedom house за состојбата на новинатството и слободата на медиумите во регионот, која е во слободен пад, таа потврдува дека ситуацијата е навистина е лоша. И паѓа се надолу.

„Друго, новинарите се слабо платени. И не можете (во Србија н.з.) за 350 евра да се спротиставувате и борите со функционерите. Тоа се многу малку пари, морате да издржување семејство, деца. Но, ако сте одлучиле да се занимавате со оваа професија, која е неверојатна и носи огромна одговорност, тогаш морате да бидете одговорни кон себе и јавноста. Кога ќе ја согледате целата ситуација, можете само да се борите, или да се откажете. Јас би сакала сите да се бориме. Таква е ситуацијата, но ќе се бориме“, констатира Радојевиќ.

Б.Ш.