Велика Британија ја напушта ЕУ, Камерон најави повлекување

Велика Британија гласаше да ја напушти Европската Унија, правејќи го најголемиот удар против европскиот проект на големото единство по Втората светска војна, пишува Ројтерс. Кратко по соопштувањето на резултатите од референдумот, премиерот Дејвид Камерон најави дека ќе се повлече од октомври.

Референдумот покажа дека 52 отсто од населението во Велика Британија гласало „за“ да се излезе од ЕУ, додека 48 отсто од луѓето гласале против. Англија и Велс беа за излегување, додека Лондон, Шкотска и Северна Ирска поддржаа останување.

Според последните податоци од анкетите, пак, поголемиот дел од гласовите за излегување на Велика Британија од ЕУ потекнуваат од повозрасната група на луѓе. Поточно, 58 осто од гласовите за излегување доаѓаат од населението постаро од 65 години, додека 65 осто од младите на возраст 18-24 години гласале за тоа Велика Британија да остане во европската заедница, покажуваат резултатите од анкетата на YouGov.

„Британскиот народ донесе јасна одлука за да тргне по друг пат и за тоа мислам дека на државата и е потребно свежо лидерство кое ќе се насочи кон овој правец“, изјави Камерон во телевизиско обраќање пред неговата канцеларија во Даунинг стрит.

По најавата дека Велика Британија излегува од ЕУ, фунтата падна за 10 отсто во однос на доларот на ниво кое последен пат е видено во 1985 година и се смета за најголемиот еднодневен пад во историјата. Европските акции, пак, паднаа за 8 отсто.

„Мислам дека нема да биде праведно јас да бидам капетанот кој ќе ја предводи нашата држава кон нејзината следна дестинација“, додаде тој.

Напуштањето на ЕУ би можело да ја чини Британија во пристапот до европскиот слободен трговски пазар и ќе значи дека Британија во иднина ќе мора да бара нови трговски договори со земјите од целиот свет. Самото Обединето кралство би можело да се распадне, прогнозираат медиумите, со оглед на тоа дека во Шкотска се најавува втор референдум за независност, откако на првиот едвај две третини од населението гласаше за да се остане во кралството.