Важноста на податоците и граѓанскиот активизам во фокус на четвртото издание на ENGAGE

„Една од работите кои ги правите погрешно во Македонија е што се обидувате сè да направете да изгледа старо. Не копирајте нè нас и не го копирајте старото бидејќи ние погрешивме“, се обрати главната ѕвезда на овогодинешното издание на ENGAGE и ко-основач на The Pirate Bay, Peter Sunde.

Тој брзо ја освои големата сцена со неговиот хумор и неговата страна од приказната за The Pirate Bay. Во неговиот говор тој го исмеа проектот Скопје 2014, но зборуваше и за тоа како денешната технологија се гледа низ призмата на парите.

Претходно, на големата сцена се обрати и Smári McCarthy кој збруваше за директната демократија и за разликата помеѓу приватноста и транспарентноста. Тој во контекст на сегашниот случај со прислушувањата прокоментира:

„Го изгубивте правото да бидете изненадени од тоа што вашата влада направила прекршување уште кога првиот пат слушнавте за тоа и не направивте ништо“, рече McCarthy.

Импресивен говор одржа и активистот Павле Богоевски, кој зборуваше за граѓанскиот активизам и граѓанскат непослушност. Тој рече дека македонскиот закон е многу широк кога станува за полициски овластувања спрема други, а зборуваше и за полициската бруталност.

Најмногу емоции кај публиката предизвика говорот на новинарот Томислав Кежаровски, кој беше поздравен со овации. Кежаровски ја прокоментира денешната ситуација во новинарството и рече дека денеска во Македонија молчењето е најраспространет облик на мислење. 

„Чесноста, вистината, правдата и интегритетот одамна се мисловни именки во Македонија, а судиите џокери за гласање“, рече Кежаровски за време на својот говор.

Тој потенцираше дека новинарите се тие кои треба да го претставуваат гласот на безгласните.

На големата сцена се претставија и Владан Јолер, еден од основачите на српската конференција за активизам, слобода на говор и интернет култура – Share, илустаторот во неделникот „Фокус“ Игор Стевковски, новинарите Сашка Цветковска, Мери Јордановска и Владо Апостолов од независниот проект за истражување „Медиа Педиа“, студентите победници на Студентскиот хакатон, Климентина Илијевски, која зборуваше за уличното списание „Лице в лице“, Горјан Јовановски, кој ја претстави својата апликација „Мој воздух“, а се одржа и дискусија со претставниците од сите четири Пленуми (Студентски, Професорски, Наставнички и Средношколски).

Паралелно со големата сцена, се одвиваа дискусии и во малата сцена во џебното кино каде новинарот и активист Огнен Јаневски го покрена прашањето за тоа како јавните личности имаат влијание да ги актуелизираат општествени прашања. Овде свои обраќања имаа и Даница Павловска од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, Костадин Мишев од ФИНКИ, кој зборуваше за податоците, нивната достапност и користење. Воедно, се одржа и панел-дискусија на тема: „Земја, воздух, вода, активизам“.

Организаторите на ENGAGE 2015 велат дека конференцијата започнала како еден настан, кој поттикнат од идеите на луѓето прераснал во конференција за друштвен активизам.

„Еngage започна пред четири години како еден настан, една конференција за граѓанскиот активизам. Луѓето направија да не застанеме, луѓето кои беа посетители веднаш почнаа да ни даваат предлози кои да доаѓаат и почнаа да се собираат толку многу идеи што сметавме дека настанот треба да продолжи. Engage го правиме за да инспирира, сакавме да направиме катче каде секој има што да каже, некоја вредност, исксутво да сподели со група, со активисти, млади и не млади луѓе, кои сакаат да го подобрат општеството“, рече Дона Костуранова, извршен директор на Младински образовен форум.

Со голема посетеност и зголемен број на учесници на двата подиуми, заврши четвртото издание на оваа конференција. Вечерта ја збогатија домашни и специјални музички гости од странство со настан кој траеше до утринските часови.

Фото: Ванчо Џамбаски