Ваучери за таблет компјутери добиле 4.886 студенти

Вкупно 4.886 студенти се стекнале со вредносен ваучер од 8.000 денари за набавка на таблет-компјутер. 1.701 барања на студенти се одбиени поради повисоки приходи, а дополнителни 145 барања бидејќи не ги исполниле законските услови во однос на студиската програма, соопштија од Министерството за информатичко општество и администрација.

За 542 барања поради погрешно внесени матични броеви, Комисијата започнала постапка за утврдување на точните матични броеви за барателот и членовите на нивните семејства. Од министерството ги повикаа студентите да се обратат до студентските служби, доколку има погрешен матичен број на некој од родителите, тоа да се корегира, да се информира МИОА и потоа УЈП да направи дополнителна проверка.

За добивање студентски ваучери за таблет, биле поднесени вкупно 7.290 барања.

Министерството упати јавен повик до ИТ фирмите кои сакаат да се вклучат во проектот, при што се избрани 52 фирми од кои може да се набават таблетите.

Со акцијата за доделување ваучери во вредност од 8 илјади денари студентите ќе може да набават таблет со тастатура најдоцна до 25 јуни.