Васил Шемкоски – Шемко: Со моите илустрации сакам да ги отворам очите на народот

Васил Шемкоски, на социјалните мрежи попознат како Шемко, е илустратор кој со своите цртежи го критикува општеството во кое живееме, политичката состојба и секојдневните проблеми на младите. Со голема доза сатира и ниту грам цензура, Васил се обидува да ја подигне свесноста во општеството за нештата за кои молчиме, а не треба. Во разговор со Радио МОФ, зборува за мотивот зад неговата ангажирана уметност и проблемот со цензурата денес.

Со спонтаност и хумор даваш критички осврт на секојдневното опкружување во кое се наоѓаме. Кои теми се најчесто опфатени во твоите дела?

Не сум ограничен во изборот на темите. Се обидувам да дадам критика или пофалба на било која тема која ќе ми дојде на ум. Најчеста тема е моменталната „бљувотина“ од општество во кое се наоѓаме.

Твоите илустрации изобилуваат со сатира и критики за политичката и општествена состојба во земјава. Од каде поривот за таква уметност?

Поривот доаѓа од секојдневните случувања кои не се совпаѓаат со моите сфаќања за убав и квалитетен живот .

Карикатурата и социјално ангажираните илустрации се силен медиум за ширење на пораки, но се чини дека во Македонија се реткост. Зошто?

Верувам дека има доста креативни луѓе, но сепак, повеќето не се доволно храбри да излезат од својата комфорна зона и отворено да ги искажат своите чувства и мисли кон општеството. Поради тоа, целта на моите цртежи беше да ги охрабрам и поттикнам таквите поединци.

Има ли простор кај нас за ваков неконвенционален тип на уметност?

Јас верувам во тоа што го правам и мислам дека не треба да постои скептицизам околу ваквата уметност. Наидувам на многу пофалби од многу луѓе и тоа ми дава знак дека има простор јас да продолжам да творам.

Размислуваш ли можеби на профит од илустрациите, или ги создаваш само како начин на протест кон темите кои со нив ги критикуваш?

Мојот профит ќе биде ако успеам да ги отворам очите кај народот, да знаат дека имаат свое „Јас“ и да не веруваат на се и сешто што се емитува по медиумите. Јас сум вечен оптимист и верувам дека ќе бидам еден од тие кои ќе придонесат за подобро општество. Или, какво подобро, најдоброто.

Во земјава веќе подолг период владее цензура, автоцензура и општ молк кај поголем дел од уметниците. Колку е тешко да се изразуваш без воздржување? Наидуваш ли на критики поради тоа?

Немам страв. Како што реков, цел ми е и другите уметници да ги охрабрам. На критики наидувам, нормално, позитивни, негативни… Особено ме мотивираат негативните, бидејќи прават да бидам уште побрутален. Не би можел да се грижам помалку.

Стефанија Тенекеџиева