„Вашето време помина, време е за СЈО“ – Со факели заврши протестот на Шарената револуција

Со запалени факели околу пораката „Вашето време помина – СЈО o`clock“ нацртана на асфалтот пред македонското Собрание, заврши собирот на Шарената револуција за поддршка на Специјалното јавно обвинителство.

„Цел свет се смее каква правда овде владее“, „Ова судство е катаклизма“, „Браво за Катица, многу ќе се возат во марица“, „Специјален суд за специјална мафија“, „Јанева мојот херој“, беа некои од пораките кои можеа да се видат меѓу присутните на собирот кој траеше час и половина.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, еден од говорниците, ги повика пратениците наместо да водат јалови дебати да ги изгласаат законите кои ги бара СЈО, а државните институции да го почитуваат законот и да соработуваат со оваа институција.

„Овој народ сака мир, соживот и слога. Свои деца покрај себе, а не во странство. И сака држава во која правдата и законот ќе важат за сите“, рече Давидовиќ.

sjo-fakeli-2

Активистот Александар Младеновски рече дека разноликоста и шаренилото на Македонија, властите ја злоупотребуваат за разделби по секоја основа.

„Сведоци сме на делењето на нашето општество. Сведоци сме на поделбата во законодавството – едни закони за нив, други за останатите. Едни се даноците за нив, други за останатите. Една е правдата за нив, а друга е правдата за останатите. Доста беа поделби. Доста беше ваши и наши“, истакна тој.

Протестот помина со зголемено присуство на полицијата, но не беа забележани никакви инциденти.

Во продолжение, и преку видео, погледнете ја атмосферата од собирот кој РадиоМОФ го пренесуваше во живо на својата фејсбук страна.