Валдета Исмаили: Да застанеме пред огледалото за да ги видиме нештата реално

Валдета Исмаили: Да застанеме пред огледалото за да ги видиме нештата реалноПробите течеа лесно, забавно, интересно, истражувавме и секој ден се учеше нешто ново. Вака актерката Валдета Исмаили раскажува за подготовките на претставата „Евангелие на глупоста“ која неодамна ја имаше својата премиера во Драмскиот театар. Екипата на средношколската емисија „Незадолжителна лектира“, во последното издание направи интервју со Исмаили во кое таа раскажува за тоа како се создаваа ликовите во претставата, но и за публиката во театарот и пораката која сака да ја испрати на младата публика.

Вие го глумите ликот на една од „трите стари караконџулки кои плетат шарени чорапи“ заедно со Ана Костовска и  Милица Стојанова. Како се снајдовте во ликот, дали за вас беше комплексен, едноставен, или пак можеби сакавте да бидете друг лик?

Јас бев изненадена. Не знаев дека ќе работи мојот професор (Љубиша Георгиевски)во Драмски театар и бев изненадена кога се видов како првата караконџулка. Можеби тоа е и до тоа што ме знае многу добро, четири години студентка и знае што има во мене. Во почеток ја замислував поинаку, со 115 години, како би се преправала, дали треба да бидам со говорна мана, не дека не ми беше јасно, туку знаев дека треба подлабоко да истражувам, но професорот многу јасно ми кажа и отворено: „Ти си таа караконџулка. Ти си Валдета – ќе се играш себеси“. Јас бев таа млада актерка, но баба од 115 години со тие акробатски движења, малку физички театар – бевме различни генерации и сврзување на два света, бидејќи ние три баби сме од другиот свет.

За „Евангелие на глупоста“ или „Далај мама на два дела“ може да се каже дека не е ни трагедија, ни комедија, туку дека е трагична фарса. Тоа е приказна за распадот на западната цивилизација, нормално на која припаѓаме и ние и со која  ние агинизираме. Бевте на генералната проба, ја видовте и смешната страна на кризата на цивилизацијата . Криза за идентитетот, наталитетот, криза на фамилијата, патријархатот, на логиката, на говорот …

Што очекувавте од премиерата и дали се исполнија овие очекувања?

Мислам да, не може да се каже дека беше напорно, беше лежерно и спонтано. Но претстава како претстава, нормално е дека треба да се изигра. Колку повеќе ја играме – толку повеќе ќе легне под текстот, текстот, лежерноста и ќе се усвои. Се гледа дека има заинтересираност, имаме добри критики и најдобри зборови за режисерот и воедно мојот ментор Љубиша Георгиевски кој најпрво е и учител.

Мислите ли дека младите посетуваат доволно претстави?

Гледам дека има посетеност од младите. Сите сакаат различни работи, меѓутоа театарот си е театар. Има млади луѓе, имавме и други претстави, бон – тонот е супер. Кога се гледа претстава се реагира на места на кои треба да се реагира, едуцирана е публиката и пофалби. Баш ми е мило што млада публика не` посетува.

Која е пораката која од вашата улога сакате да ја испратите на нашата публика?

Да застанеме пред огледалото за да ги гледаме реално работите и да не се плука огледалото. Знаеме сите, токму тоа не лаже, тоа е вистината, искреноста, не треба да бегаме од себеси. Тоа што го имаме , што го доживуваме, колку и да е сурово – тоа е тоа.

Софија Павловска