„Вајбер“ и „Фејсбук месинџер“ најкористени апликации во Македонија

Бројот на корисниците на мобилна телефонија во Македонија годинава за разлика од лани бележи мал пораст и изнесува 95,2 отсто. Корисниците на паметни телефони го следат трендот на пораст и годинава го зголемија своето мнозинство со 72,1 отсто, се наведува во резултатите од испитувањето на јавното мислење за пазарот на електронски комуникации во Македонија на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Анкетата, спроведена на територијата на Македонија на случаен репрезентативен примерок од 1.100 испитаници во периодот од 19 до 29 мај годинава, покажува дека бројот на припејд корисници е намален на 28,8 отсто, а корисниците на мобилен телефон се почесто телефонираат од мобилен на фиксен кога имаат потреба (37 отсто).

Бројот на корисници на интернет на мобилен телефон преку мобилен оператор е во константен раст од минатата година и сега изнесува 58,6 отсто. Најголемиот број од корисниците се помлади од 40 години, но исто така се забележува пораст и кај лица под 50 години.

Најголемиот дел од корисниците на интернет преку мобилен, 96,3 отсто, користат апликации за комуникации. Најкористена е „Вибер“ (92,2 проценти), по која следат „Фејсбук месинџер“ (84,4 отсто), Скајп (43,5 отсто) и „Ватс ап“ (25,5 отсто). Повеќе од половина од испитаниците ги користат тие апликации за комуникација преку текстуални пораки (73,1 отсто) и преку разговори (71,6 отсто) секој ден.

Во анекатата, мнозинството од испитаниците кои не користат интернет преку мобилен телефон (51,7 отсто) навеле дека немаат потреба од мобилен интернет, 37,4 отсто немаат соодветен телефонски апарат, а 23, 8 отсто не знаат како да го користат.

Доколку се појави нов оператор на мобилна телефонија, за да ги привлече корисниците, првенствено би требало да понуди пониски цени за разговор (83,4 проценти), пониски цени за мобилен интернет (37,6 отсто) и подобар квалитет на говорните услуги (31,8 отсто). Побрз мобилен интеренет би бил причина за избор на нов мобилен оператор за 30,6 отсто од испитаниците, а за 25 отстопоповолните цени на телефонските апарати, додека 10 отсто бараат најсовремени телефонски апарати, а на 9,6 отсто им се важни пониските цени на СМС/ММС и дата податоците.

Минатата година 3,5 отсто од корисниците на мобилна телефонија го промениле операторот.