Узбекистански филм блокиран бидејќи во него го нема Морган Фримен

Прикажувањето на акционен узбекистански филм е блокирано поради користење слики од американскиот актер Морган Фримен во рекламирањето, иако тој не се појавува во филмот.

Филмот со име „Дајди“ (Никаквец), оваа недела требаше да биде прикажан во кино-салите, но во тоа го спречи Агенцијата за авторски права на Узбекистан. Тие утврдиле дека, иако Фримен се појавува на постерите и трејлерот за филмот, него го нема никаде во филмот кој бил поднесен до Агенцијата, за да му се дозволи прикажување.

Тие ја обвинуваат продукцијата „Тимур Филм“ за кршење на правата на потрошувачите преку обид да се зголеми продажбата на билети со погрешно наведување на голема филмска ѕвезда. Од продукциската куќа се уште немаат коментирано на одлуката, пишува ББЦ.

Владината новинска агенција „Подробно“ информира дека сликата на Фримен била искористена без дозвола од акциската-авантура „Последните витези“ од 2015 година. Споредбата на постерот за „Дајди“ и трејлерот за „Последните витези“ покажува дека актерот е идентично облечен на двете места.

Филмот можеби го нема Морган Фримен, но го прикажува актерот Миролим Киличев како узбекистански полицаец кој ја спасува земјата од напаѓачи. Не е јасно дали филмот ќе може да го погледне публиката, бидејќи зависи од одлуката на две владини институции кои мора да дадат дозвола пред да биде премиерно прикажан.