Утре 29-ти Државен натпревар по информатика за основци и средношколци

Утре во просториите на ФИНКИ на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје на Државниот натпревар по информатика по 29-ти пат ќе се избира најдобриот програмер помеѓу основците и средношколците.

Натпреварот е во организација на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), а коорганизатори се Семос Едукација.

Учество ќе земат најдобрите 100 учесници кои покажаа најдобри резултати на регионалните натпревари кои се одржаа на 11 март во три региони: Скопје, Струга и Струмица.

Семос Едукација, кои се и спонзори на натпреварот, на најдобрите учесници од сите категории ќе додели ваучери за бесплатна обука во Семос Едукација.

„Во Детскиот едукативен центар секојдневно се среќаваме со исклучително интелигентни деца со висок потенцијал за понатамошен развој во информатичката област. Сакаме да ги поддржиме и преку квалитетна едукација да им помогнеме да го искористат нивниот талент и правилно да го развиваат“, посочува Наташа Ристеска Тодоровска, раководител на Детскиот едукативен центар во Семос Едукација.

Победниците на Државниот натпревар понатаму ќе се натпреваруваат на Македонската Олимпијада како и со учесници од други држави на Меѓународниот натпревар по информатика.