Условот од 3,5 просек за Спортската академија ќе важи од идната година

Законската одредба според која учениците од Спортската академија мора да имаат најмалку 3.5 просечен успех за да можат да запишат следна година во тоа училиште ќе се применува од наредната учебна година. Одлагањето се должи на тоа што родителите на околу 130 ученици кои тој услов не го исполниле не биле информирани за неговото воведување во август минатата година.

Како што изјави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, од идната учебна година сите кои учат во Спортската академија ќе бидат обврзани да имаат просек од најмалку 3.5 за теоретските и за практичните предмети. Ако имаат послаб успех ќе треба да се отпишат од академијата и да се запишат во друго средно училиште.

Измените со кои се одлага одредбата ги направи Министерството за образование и наука, кое и ги предложи до Владата. Таа ги усвои и му ги предложи на Собранието. Матичната собраниска комисија денеска нив ги прифати и се очекува да бидат усвоени и на пленарната седница.