Уште десет дена за забелешки за измените на Законот за медиуми

До 30 ноември медиумските здруженија, поединци и други засегнати ќе можат на страната на ЕНЕР да остават забелешки за втората драфт верзија на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Забелешки за текстот беа изнесени и на денешната јавна дебата кои, главно, се однесуваа на предложените одредби за јавниот сервис и неговото финансирање и предложениот член 61 во измените, но се зборуваше и за одредбите направени во корист на комерцијалните телевизии, застапеноста на македонска музика и сопствена продукција, проблемите на локалните медиуми…

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кажа дека откако ќе заврши периодот за забелешки за измените на законот тие ќе бидат испратени до ОБСЕ и ЕК за и тие да дадат свое мислење по што текстот ќе влезе во процедура за носење. Манчевски побара од медиумските работници поактивно да се вклучат во носењето на законот со забелешки на ЕНЕР, но и со меѓусебни дебати, бидејќи, како што кажа, Владата не треба да е моторот во реформите, туку тие треба да ги договорат медиумските работници.

„Медиумската сфера не смее предолго да остане нерегулирана. Овој закон е резултат на проблемите во медиумите во минатото, а Владата, како што кажа министерот без ресор задолжен за комуникација, транспаретност и отчетност Роберт Поповски, нема намера да направи дополнителни проблеми во медиумите. Во периодот што следи, улогата на Владата треба да биде што помала, а еснафските здуженија да го преземаат решавањето на работите“, посочи Поповски.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани побара член 61 во Законот да остане онака како што е, посочувајќи дека со сега предложената измена Владата сака да ја озакони новинарската етика, односно судот или Агенцијата за медиуми да бидат главен и одговорен уредник на медиумите.

„Ако сакате тоа да го направите воведувате цензура којашто е забранета со Уставот на Македонија“, рече Селмани.

Обвинувајќи за неконзистетност во ставовите на владините претставници, претседателот на ЗНМ кажа дека на почетокот на мандатот потпишале изјава за поддршка на саморегулацијата, додека сега со членот 61 се сака да се укине саморегулацијата. Новопредложениот член содржи и високи казни за, што подоцна во одговорот на коментарите, министерот Поповски кажа дека ќе бидат тргнати, но за останатиот дел од членот 61 побара од здруженијата да размислат дали тој треба да остане затоа што, како што кажа, граѓаните треба да знаат дека има некаков коректив за работата на медиумите.

„Отворени сме член 61 да се избрише, но размислете што ќе значи тоа“, рече министерот Поповски.

Голем дел од забелешките и предлозите се однесуваа за јавниот радиодифузен сервис и неговото финансирање. Поголем дел од дискутантите побараа финансирањето да биде со еден отсто од буџетот, а не 0,7 како што се предвидува со измените. Претставникот на синдикатот на МРТ Слаѓана Миливојевиќ истакна дека за јавниот радиодифузен сервис е потребен посебен закон со кој ќе се регулира се што е поврзано со неговата работа.

Министерот Манчевски кажа дека ова е едно преодно решение за МРТ бидејќи, за жал, можностите на државата во овој момент се такви, а според Поповски, пак, 0,7 отсто се доволни за стартно да се стабилизира МРТ. Поповски кажа дека законот треба што побрзо да биде донесен затоа што секое негово одложување значи „дупка“ за МРТ.

Претставникот на Агенцијата за медиуми смета дека на независноста на регулаторното тело ќе влијае доколку се намалат средствата што тие ги наплатуваат од медиумите и зависат од Буџетот, како што е предвидено со измените.

Горан Гаврилов од АПЕМ побара во согласност со процентот на застапеност на македонската музика на радијата да се намали сумата за лиценцата за работа што тие ја плаќаат, или целосно укинување на членот 92 од законот.

Намалување на казните за локалните медиуми, кои сега се изедначени со националните, како и враќање на фондот за финансирање на проекти од јавен карактер, побараа претставниците на здруженијата на локланите медиуми.

МИА